С О О П Ш Т Е Н И Е - Започнува аплицирањето за субвенционирање на микро, мали и средни претпријатија

05.03.2018 17:38:10

Скопје, 05.03.2018 Денеска Министерството за економија објави јавен повик со кој започна аплицирањето за субвенционирање на микро, мали и средни претпријатија, кои вработуваат над 3 лица. Со оваа мерка се субвенционираат трошоци за: набавка на опрема и алати (70% од докажаните трошоци, но не повеќе од 300.000 денари); дизајн на производ и изработка на визуелен идентитет на производот/услугата  - веб страна, дизајн на логотип, рекламен материјал и учество на домашни саеми во текот на 2017 (70% од докажаните трошоци, но не повеќе од 60.000 денари), за секоја од двете мерки. За оваа мерка, согласно Програмата за конкурентност,  иновации и претприемништво за  2018 година предвидени се вкупно 20.000.000 денари, а кофинансирани ќе бидат докажаните трошоци за предвидените намени настанати во 2016, 2017 и 2018 година, освен за намената учество на домашни саеми во текот на 2017.

Средствата од субвенциите не се наменети за кофинансирање трошоци кои веќе претходно биле кофинансирани преку мерките од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2016, 2017 и 2018 година, за набавка на потрошен материјал, возила и компјутери и компјутерска опрема, за износот платен за  ДДВ за намените за кои се бара кофинансирањето; за царина за намените за кои се бара кофинансирањето; за курсни разлики;  за закупнина за деловен простор; за трошоци чие плаќање е направено со компензација. Но, ако се случи претпријатието кое аплицира за кофинансирање на трошоци за оваа мерка да престане со вршење на дејност пред истекот на 1 година од датумот на добивање на средствата, основачот на фирмата има обврска да врати 80% од доделените финансиски средства по основ на предвидените намени во период  од 12 месеци, што ќе биде предмет на проверка од страна на Министерството за економија преку Централниот регистар на Република Македонија.

Право на учество на јавниот повик имаат претпријатија регистрирани како ТП,  ДООЕЛ, ДОО од лица државјани на Република Македонија, кои ги исполнуваат следните услови: работење во траење од најмалку 3 месеци пред објавувањето на јавниот повик, да имаат деловно седиште на територијата на Република Македонија, да имаат минимум 3 вработени на неопределено полно работно време и со подмирени обврски кон државата и вработените.

Овие субвенции не се наменети за претпријатија чија претежна дејност e: земјоделство шумарство и рибарство; рударство и вадење на камен; снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација; снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината; трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (освен 45.20); транспорт и складирање (освен 52.10, 53.10 и 53.20); објекти за сместување и сервисни дејности со храна (освен 56.21); финансиски дејности и дејности на осигурување; административни и помошни услужни дејности (77.22, 81.2, 82.19 и  82.92); образование; дејности на здравствена и социјална заштита; уметност забава и рекреација (90.03, 93.13 и 93.21); други услужни дејности (освен 95.1, 95.2 и 96); дејности на домаќинствата како работодавачи, дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби; дејности на екстратериторијални организации и тела; правни и физички лица кои вршат дејност како сметководители, ревизори, адвокати, нотари, извршители, стечајни управници и  проценители; претпријатија над кои е покрената стечајна постапка или ликвидација.

Јавниот повик е отворен до 31.08.2018 година, а изборот на апликантите кои ги исполнуваат условите утврдени во Јавниот повик, ќе се прави запазувајќи го принципот „прв дојден, прв услужен“, односно по редослед на поднесување на апликациите, до исцрпување на расположивите средства. Потребните документи за пријавување можат да се подигнат од архивата или од веб страната на Министерството за економија  www.economy.gov.mk.