Бектеши: Акредитацијата е алатка за јакнење на економијата

09.06.2017 14:05:38

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска присуствуваше на свеченоста по повод одбележувањето на Светскиот ден на акредитацијата, во организација на  Институтот за акредитација на Република Македонија. Користејќи го моментот за сумирање на резултатите на ова поле и тенденциите за напредок, министерот Бектеши истакна: „Еден од чинителите на секоја национална инфраструктура за квалитет, која по својата суштина е алатка за јакнење на економијата е токму акредитацијата. На прагот на 15-тата година од успешното работење на нашето национално тело за акредитација, можам да констатирам дека нашето општество оваа алатка ја ползува во сите нејзини појавни аспекти: како алатка на регулаторот, како ‘пасош’ за слободен и непречен пристап до светските пазари и како сервис кој им испорачува на потрошувачите доверба во квалитетот, сигурноста и безбедноста на она што како производ или услуга се нуди на пазарот“.

Годинава, мотото под кое се одбележа Светскиот ден на акредитацијата гласеше: „Акредитација - обезбедување на доверба во градежништвото и изградената животна средина“, што уште повеќе ја потенцира комплексноста на значењето и улогата што ја има акредитацијата во нашето секојдневје,  особено во период на континуирани стапки на раст на градежништвото кај нас, односно зголемена понуда на пазарот на недвижнини.

„Пред сите нас, потенцијални купувачи се наметнува прашањето како да се направи вистинскиот избор при толку голема понуда. Одговорот е во понудениот квалитет, што подразбира употреба на тестирани градежни производи, изведба и надзор од страна на квалификуван стручен кадар, избор на локација за градба на сигурен и безбеден терен, како и овозможен безбеден пристап до градбите. Бараниот квалитет и сигурноста се испорачуваат преку акредитацијата, односно преку давањето и користењето на акредитирани услуги за тестирање, инспектирање и сертифицирање на сите ресурси, достапно и кај нас благодарение на Институтот за акредитација и на пројавениот економски интерес и свеста кај телата за оцена на сообразност да понудат ваков тип на услуги на пазарот. Секако, сето ова координирано и обезбедено со соодветна формално-правна основа во прописите на регулаторот“, објасни Бектеши.

Иако акредитирањето е на доброволна основа, се покажа дека е потребно за една здрава и конкурентна економија. Процесот на јакнење на македонското стопанство и зголемување на конкурентноста на македонските производи, како и подобрување на нивното технолошко ниво е обезбеден благодарение на меѓународните договори за подеднакво признавање на резултатите од акредитираните тела, чиј потписник е Институтот. Тие ја поддржуваат слободната трговија, непреченото движење на стоки и услуги, а посебно значење има фактот што македонските компании имаат еднаков третман со нивните конкуренти од европскиот и светскиот пазар, што претставува придобивка од национален интерес.

Директорот на ИАРМ Трпе Ристоски нагласи дека годинава се фокусирани токму на делот на градежништвото. „Изминатава година првпат Институтот акредитираше две сертификациски тела кои издаваат сертификат за градежни производи. Претходно во Македонија сите производители на градежни матeријали мораа во странство да ги праќаат нивните производи со цел да бидат сертифицирани, а сега е овозможено и нашите акредитирани тела да работат на тоа поле“, рече Ристоски. Тој прецизираше дека животната средина е целосно опфатена под делот на ингеренциите што се на Институтот за акредитација, пред сѐ лабораториите за тестирање. Имено, Институтот досега има десетина инспекциски тела од делот на животна средина и нивниот број постојано се зголемува.

Свеченоста за одбележување на Меѓународниот ден на акредитација заврши со врачување на 42 сертификати за акредитација и реакредитација на тела од различни области за периодот јуни 2016 - мај 2017 година.

Скопје, 09.06.2017