Министерот Бектеши се сретна со амбасадорот на Франција Кристиан Тимоние

20.06.2017 16:13:33

Министерот за економија Крешник Бектеши  денеска оствари средба со Амбасадорот на Република Франција во Република Македонија   Н.Е Кристиан Тимоние.

Министерот Бектеши на средбата истакна дека економската соработка меѓу Македонија и Франција е одлична и интензивна, а поддршката која Франција ја дава на нашата земја е од големо значење за интеграцијата на земјата во евро-атлантските структури.

Бектеши и Тимоние заклучија дека постои желба и потенцијал меѓусебната соработка да се  прошири во повеќе области, поконкретно во областа на инвестициите од страна на заинтересирани француски компании, ангажирање во изградба на капитални објекти во сферата на енергетиката и зголемување на бројот на туристи од Франција во нашата земја, и обратно.

Министерот Бектеши  се заблагодари на амбасадорот за поддршка која Република Франција постојано ја дава на Република Македонија, и особено на Министерството за економија, додавајќи дека иако Македонија е дел од Европа, се’ уште постои потреба да добие поддршка од Франција за да се приклучи на ЕУ и НАТО.

Амбасадорот Кристиан Тимоние се заблагодари на министерот за средбата, ветувајќи дека поддршката на Франција за Македонија како пријателска земја ќе продолжи и во иднина.

Скопје, 20.06.2017