Mинистерот Бектеши се сретна со делегација на бизнисмени од Либан

22.06.2017 16:45:16

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска прими делегација на претприемачи од Либан предводена од г.Самер Соуфан претседател на Советот на бизнисмени од Либан и претставници од девет големи либански компании.

Делегацијата од Блискиот Исток ја избра Македонија како можна земја за реализација на инвестиции во различни области како што се енергетиката, минералните суровини, туризмот, малите и средни претпријатија, а во Македонија претстојуваат за да се информираат од прва рака за законодавството и за условите кои ги нудат слободни економски зони во земјата.

Министерот Бектеши за време на состанокот, изјави дека инвестициите од Либан би отвориле ново поглавје во соработка со Либан и со Блискиот Исток.

Либанската делегацијата беше информирана од страна на министерот Бектеши со можностите за инвестирање во Македонија, а од нивна страна беше потенцирано дека  либанските бизнисмени во текот на нивниот дводневен престој во Македонија ќе испитуваат различни дестинации за инвестирање.

Бектеши информираше дека со реформите кои ги превзима Владата на Република Македонија, главно во областа на економијата, се создава уште поповолна бизнис клима, додавајќи дека Македонија е вистинската дестинација за инвестирање, а  либанските  инвестиции се добредојдени во Македонија

Скопје, 22.06.2017