Бектеши на прашкиот форум во име на 16-те европски земји со порака за зајакната соработка преку нови бизнис модели и инвестиции

19.07.2017 15:02:48

Прага, 19.07.2017 Министерот за економија Крешник Бектеши, на завршната гала вечера под покровителство на претседателот на чешката Република Милош Земан, во рамки на China Investment Forum 2017 во Прага, се обрати во име на 16-те земји од Централна и Источна Европа, кои се дел од ефективната платформа за соработка 16+1 насловена „Економски појас на Патот на свилата“.

„Основниот принцип е да работиме на синергија на оваа иницијатива, која потекнува од НР Кина, со развојните стратегии на Европа, во контекст на меѓународната соработка. Овој форум треба да послужи како патоказ за истражување на нови бизнис модели, кои ќе бидат на исто ниво на глобалната економија, земајќи ги предвид главните аспекти, од типот прекуграничен проток на податоци, тргување без хартија, мрежно отворање и подобрена транспарентност“, истакна Бектеши во своето обраќање во име на 16-те европски држави, пред повеќе од илјада присутни гости од Кина и од европските земји.

„Длабоко сум уверен дека во овие два дена допревме многу иницијативи за понатамошен развој меѓу нас, разумни заложби во разни области како што се финансиите, образованието, здравството, новите технологии, индустријата, енергијата, електронската трговија и туризмот, ги претставивме политиките на земјите од кои доаѓаме, како и дел од инвестициските проекти кои се во тек или се во план за реализација“, рече министерот за економија, предлагајќи форумот секоја година да има по една земја претседавач, при што Република Македонија со задоволство би прифатила да биде домаќин на земјите кои се дел од Платформата.

Министерот Бектеши на вечерата оствари средба и со министерот за индустрија и трговија Јири Хавличек, упатувајќи му покана за официјална посета на Скопје, а на маргините на самитот се сретна и со високи претставници на четири етаблирани кинески енергетски компании, кои покажаа интерес за инвестирање во Македонија, особено во делот на соларната енергија.