Средба Бектеши-Ромео: Самитот во Трст е добар исчекор во економското поврзување на земјите од Западен Балкан

21.07.2017 15:21:22

Скопје, 21.07.2017 Министерот за економија Крешник Бектеши денеска се сретна со амбасадорот на Република Италија во Македонија, Н.Е. Карло Ромео.

Министерот Бектеши истакна дека Италија е важен трговски партнер на Република Македонија, позиционирајќи се на петтото место во 2016 година на листата на најголеми трговски партнери, што претставува солидна основа за отварање на нови можности и нејзино продлабочување со конкретни заеднички проекти.

Министерот Бектеши истакна дека зајакнувањето на соработката на полето на енергетиката, минералните суровини и туризмот ќе придонесе не само за зголемување на билатералната соработка, туку и за нови инвестиции и забрзан економски развој, а тоа ќе се постигне преку создавање на поволна бизнис клима и за домашните и за странските инвеститори.

Двајцата соговорници се согласија дека неодамна одржаниот Самит во Трст е добар исчекор во  економското поврзување на земјите од Западен Балкан, изразувајќи задоволство од произлезените заклучоци од Самитот, со кои Република Македонија доби неповратни 70 милиони евра од европските пари наменети за транспортно поврзување на Западен Балкан.

Италијанскиот амбасадор ја потенцираше поддршката што неговата земја ја дава на Македонија на нејзиниот пат кон евроатлантските интегративни процеси.