Бектеши го иницираше прашањето за склучување на Договор за економска соработка и Договор за туризам со БиХ

24.07.2017 12:17:43

Скопје, 24.07.2017 Во рамки на официјалната посета на Босна и Херцеговина, како член на македонската делегација, министерот за економија Крешник Бектеши учествуваше на работниот состанок со членовите на делегацијата на Советот на министри на БиХ и на средбата со членовите на  Претседателството на БиХ, а оствари и билатерална средба со својот колега, заменик претседавач на Советот на министри и министер за надворешна трговија и економски односи, Мирко Шаровиќ.

На средбата беше потенцирана потребата од зајакнување и продлабочување на економската соработка на двете земји, имајќи предвид дека Босна и Херцеговина во последните неколку години е меѓу првите 20 земји со кои Република Македонија остварува најголем обем на трговска размена, регулирана согласно ЦЕФТА Договорот, како солидна основа за отварање на нови можности преку конкретни заеднички проекти.

Двајцата министри го иницираа прашањето за отпочнување на преговори за склучување на Договор за економска соработка меѓу двете земји, со оглед на фактот што Босна и Херцеговина е единствената земја од регионот со која Република Македонија нема потпишано ваков Договор. Министерот Бектеши изрази подготвеност од страна на Министерството за економија за кусо време да биде доставен  предлог – текст на договор до босанската страна, а по неговото финализирање да се пристапи и кон потпишување од страна на двајцата министри.

Воедно, Бектеши го реафирмираше и прашањето за склучување на Договор за соработка во областа на туризмот, покренато од босанска страна уште во 2013 година, што треба да претставува основа за продлабочување на соработката од областа на туризмот, а предложи и да се разгледа можноста од двете страни за пуштање на директна авиолинија Скопје-Сараево, со што би се олеснил транспортот и на туристите, но би се зголемил и бројот на деловни посети во двете земји.

Министерот Бектеши, како дел од официјалната делегација, го посети и Мостар, каде присуствуваше на  манифестацијата „Мостар не ги забораваа пријателите“, а на спомен-обележјето на трагично настраданиот претседател на РМ Борис Трајковски и членовите на неговата делегација, положи свежо цвеќе.