Министерот Бектеши се сретна со холандскиот амбасадор Пломп

31.07.2017 14:50:51

Министерот за економија Крешник Бектеши оствари средба со амбасадорот на Кралството Холандија во нашата земја Воутер Пломп.

Министерот Бектеши во текот на средбата со холандскиот амбасадор ја оцени соработката помеѓу двете земји како многу интензивна и успешна, додека главни теми на разговор беа туризмот, земјоделството и инвестициите во обновливи извори на енергија.

Бектеши рече дека Македонија има успешна историја на соработка со Холандија, земајќи го предвид бројот на холандски туристи, кој според предвидувањата од стратегијата за туризам е веќе исполнет. Бектеши додаде дека земјоделството и инвестициите во обновливи извори на енергија се две гранки на економијата многу важни за нашата земја, па размената на искуства со Холандија би била од огромна помош.

Странските инвестиции беа уште една област на која беше ставен акцент на средбата, како и вклучувањето на локалните компании во реализација на овие инвестиции, кои според Бектеши би создале вин-вин ситуација.

Холандскиот амбасадор Пломп рече дека кога се зборува за соработката со Македонија, во центарот на вниманието за Холандија е токму економијата. Тој потврди дека Македонија останува посакувана туристичка дестинација за Холанѓаните и изрази интерес за развивање на долгорочен план за  охридскиот регион, со оглед на фактот што бројот на холандските туристи е зголемен, а тоа налага потреба и за зголемување на бројот сместувачките капацитети.

Двајцата соговорници изразија подготвеност за продлабочување на соработката меѓу двете земји, не само на полето на туризмот, туку во сите области за кои постои взаемен интерес.

Скопје, 31.07.2017