Министерот Бектеши им ги додели признанијата на најуспешните рудари во Македонија

25.08.2017 14:22:34

Скопје, 25.08.2017 Министерот за економија Крешник Бектеши  денеска во Скопје им врачи плакети на 18 најуспешни рудари и благодарници на шест здруженија и институции за посебен придонес во рударството во Македонија,  по повод Денот на рударите 28 август.

Министерот Бектеши истакна дека признанијата се доделуваат по десетти пат на најдобрите рудари, номинирани од нивните работодавци за постигнувањата изминатата година, како награда за нивната професионална преданост и одговорност.

„Рударството претставува база за развој на индустријата во државата. Ова е важен стопански сектор, што заедно со придружните, брои над 10.000 вработени. Индустриското производство во секторот рударство во јуни 2017 година, во однос на јуни 2017 година бележи пораст од 7,5 проценти, а прометот за истиот период пораст од 1,2 отсто. Затоа овој сектор се смета за еден од водечките сектори од индустриското производство и е од големо значење за македонската економија“, изјави Бектеши. 

Посочи дека во земјава има активни над 120 рудници и Министерството при изработка на законските акти се стреми кон наметнување на потребата од најсовремените и најдобрите достапни техники во оваа индустриска гранка со цел влијанието врз животната средина да се сведе на минимум.

„При постапката за доделување на концесии се консултираат сите институции кои можат да придонесат во своето мислење во делокругот на својата работа, но најбитно од се е што секогаш се бара мислењето на општините на чија територија ќе се врши концесиската дејност. Доделувањето на концесијата е директно зависно од позитивното мислење дадено од општината каде се наоѓа“, изјави Бектеши.

Претседателот на Македонската асоцијација за рударство Николајчо Николов, рече дека чувството за одбележување на Денот на рударите е поматено со настаните во југоисточниот дел на државата.

„Можеме да слушнеме секакви изрази кои директно ги погодуваат рударите. Мило ми е што во Македонија се буди еколошката свест, но во рударството работат околу 13.000 луѓе и имаме градови рудници. Без рудници само жителите и рударите знаат како ќе биде. Затоа ги повикувам сите што го квалификуваат рударството како рудници на смртта, да внимаваат на своите изрази“, изјави Николов.

Рударството за Македонија, продолжи тој, значи многу и мора да водиме сметка дека исчезнува квалитетната работна сила од Македонија и како рудници во помалите места тоа ќе го почувствуваме.