Министерот Бектеши апелира до работниците со ниски примања да ја искористат мерката за годишен одмор

15.09.2017 15:50:21

Скопје, 15.09.2017 Огромен интерес кај јавноста веќе предизвикува новата најавена мерка на Министерството за економија, усвоена од страна на Владата, со која на работниците со ниски приходи ќе им се овозможи користење на годишен одмор. На јавниот повик кој стартуваше денеска, а ќе трае до 29 септември, ќе можат да аплицираат работници чии примања во семејството не ги надминуваат нето приходите од 22 илјади денари, за субвенции од 15 илјади денари, кои ќе можат да ги искористат за петдневен одмор во некој од туристичките центри во земјата.

Министерството за економија за оваа мерка обезбеди 60 милиони денари за споменатата категорија работници, со кои 4000 семејства ќе бидат субвенционирани во вредност од по 15 илјади денари, поточно ќе им биде издадена Потврда за користење на средства за организиран одмор за работници со ниски приходи во споменатата вредност, која ќе се користи во еден од категоризираните угостителски објекти за сместување во Република Македонија кои ќе се пријават во Министерството за економија.

Министерот Бектеши гледа две важни цели во оваа мерка креирана во полза на граѓаните: првата е, по принципот „парите кај граѓаните“ да им се помогне на семејствата на работниците со ниски примања да го искористат правото на годишен одмор, а во исто време да им се обезбеди поддршка на туристичките центри во зголемување на обемот на работа надвор од туристичката сезона.    

За учество по Јавниот повик, работниците со ниски приходи – баратели, до Министерството за економија треба да достават:

·         Пополнет образец на барање (готов формулар кој може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет страната на министерството: www.economy.gov.mk);

·         Потврда од работодавецот за висината на исплатена нето  плата од последните три месеци и извод од банка за последните три месеци за подносителот на барањето како и на членовите на семејството (сопруг, сопруга и деца) кои заедно со него ќе го користат одморот;

·         Фотокопија од лична карта или патна исправа за него и членовите на семејството кои заедно со него ќе го користат одморот и

·         Изјава дека барателот лично или со членовите на семејството кои се наведени во барањето ќе го користат одморот (готов формулар).

Право за добивање на Потврда за одмор имаат сите физички лица кои се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето приходот од 22.000 денари. Притоа, едно лице може да поднесе само едно барање за пријавување на интерес за користење на средства за организиран одмор, а потврдата за користење на средства за организиран одмор се издава по принципот „прв дојден прв услужен“.

Барањето треба да се достави до архивата на Министерството за економија лично или преку пошта на адреса „Јуриј Гагарин“ бр. 15 Скопје, а Листата на баратели кои доставиле уредна и комплетна документација се објавува на веб страната на Министерството за економија најдоцна седум дена од денот на утврдувањето на листата.