Бектеши: Инвеститорите, енергетската ефикасност, малите и средните фирми, туризмот и угостителството остануваат приоритет

22.09.2017 16:31:14

Скопје,22.09.2017 Изедначување на условите и поддршката за домашните и странските инвеститори, враќање на дневната ефтина тарифа на струјата, ревизија на индустриската политика, изготвување закон за енергетика и за енергетска ефикасност, се само дел од резултатите на Министерството за економијата во изминатите 100 дена, кои денеска  ги соопшти министерот за економија Крешник Бектеши на заедничката прес конференција на која се обрати и министерката без ресор, за привлекување странски инвестиции Зорица Апостолска.

Како што соопшти министерот Крешник Бектеши давајќи отчет за сработеното, во фокусот остануваат олеснувањето на трговијата, малите и средните претпријатија, туризмот и угостителството, занаетчиството, женското претприемништво...

Министерот порача дека институциите мора да се во служба на граѓаните, а бизнис заедницата, за нејзино непречено работење, треба без чекање и одолговлекување да ги добива потребните документи (лиценци, дозволи, решенија) што се во надлежност на Министерството за економија

Предложените владини мерки, потенцира, сега важат еднакво - и за странските и за домашните инвеститори.

„Отворајќи го процесот за создавање реални услови за нови сигурни работни места, креиравме план за економски раст и подобар животен стандард, во чие финализирање ќе можат да партиципираат сите заинтересирани економски субјекти, а има за цел поддршка на претпријатијата за унапредување на квалитетот на производите и услугите, за изработка на проекти за нови инвестиции и нови производи, за нивна зголемена извозна активност, при што нашите компании ќе станат поконкурентни во регионот, на Европскиот и светскиот пазар“, укажа Бектеши.

Зголемена поддршка за МСП, продолжување на дијалогот со бизнис заедницата, ратификација на ЦЕФТА дополнителниот протокол 5 за олеснување на трговијата и договори за туристичка соработка со БиХ, Полска и Израел, како и измени во законите за угостителска и за туристичка дејност, најави Бектеши. 

Привршува изготвувањето на двата стратегиски документа: за развој на мали и средни претпријатија 2017-2020 и за женско претприемништво 2017-2020 кои треба да се усвојат до крајот на годината, а продолжува и реализацијата на проектот за унифицирање на излозите во Старата скопска чаршија, при што досега целосно се уредени 60 дуќани, додека во фаза на проектирање се и останатите дуќани во Скопската, Охридската, Битолската и Струшката чаршија“, соопшти Бектеши и потсети дека до крајот на овој месец се уште може да се аплицира за субвенции за селски домаќинства.  

 

Во насока на исполнување на ветувањето за МСП, нова мерка по која ќе може да се аплицира  до крајот на октомври се  субвенциите  за набавка на опрема.

„Висината на средствата што се субвенционираат се зголемени за 40 отсто од досегашниот износ. Сите апликанти кои ги исполнија условите за субвенционирање на трошоците на занаетчиите, како и финансиска поддршка за женско претприемништво, за сертификација на ИСО стандарди, за тренинг на ХАСАП тим, за воведување и одржување ХАСАП систем, како и за сертификација на ХАЛАЛ, ќе можат да очекуваат исплата на своите субвенции, бидејќи нивните апликации  веќе се разгледани и се изготвени решенијата за исплата“, информира министерот.

Според министерот, владината мерка за субвенциониран годишен одмор на семејствата

Во делот на енергетиката, формирани се нови работни групи кои работат на изготвување закон за енергетика и закон за енергетска ефикасност за да се исполнат обврските од нашето членството во Eнергетската заедница. Изминатите 100 дена е усвоен Трет акциски план за енергетска ефикасност за период од три години, со што се исполни уште една обрврска на РМ кон Енергетската заедница во делот на енергетска ефикасност.

Со Република Бугарија е потпишан и Меморандум за соработка на полето на енергетиката и гасното поврзување.

„За поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата, со ребалансот на буџетот со кој се одобрени дополнителни 10 милиони денари, овозможивме зголемување на бројот на корисници од околу 700, на над 1.000, кои ќе може да остварат право на надомест на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2017 година. Согласно Законот, по завршување на изборниот процес, граѓаните кои ги исполниле условите ќе добијат поврат на овие средства. Исто така, во Програмата за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени соларни колекторски системи обезбедени се 16 милиони денари, а денеска се одржува јавното извлекување на добитниците кои ќе добијат поврат на дел од средствата, до крајот на оваа календарска година“, информира министерот.

Се работи на измени и дополнувања на неколку закони и заради креирање пријателска и предвидлива деловна клима согласно потребите на бизнис заедницата на поедини сектори и на потрошувачите или во насока на усогласување на домашното со европското законодавство.

Преку десет странски компании од Грција, Италија, САД, Кина, Индија, Турција и Романија се сериозно заинтересирани за инвестирање во Македонија, соопшти денеска министерката без ресор, за привлекување странски инвестиции Зорица Апостолска.

Министерката Апостолска информира дека изминатите 100 дена остварила контакти со менаџерските тимови на компаниите кои се главно, рече, од автомобилската индустрија, образованието, финансискиот сектор и енергетиката.

Министерката подвлече дека транспарентноста, еднаквиот третман и поддршката врз основа на остварени резултати остануваат приоритет во владината политика кон странските и домашните инвеститори.