Бектеши: Поголема примена на искуствата од Европската унија во случаите на стечај и ликвидација во Република Македонија

25.09.2017 13:51:54

Скопје, 25.09.2017 Министерот за економија Крешник Бектеши заедно со евроамбасадорот Самуел Жбогар, денеска ја отворија дводневната Меѓународната конференција за стечај и ликвидација, во организација на прокетот за јакнење на административните капацитети за имплементација на правната рамка за стечај и ликвидација на компаниите (СЦБЛ).

„Самиот факт што Проектот се реализира во рамките на Министерството за економија ја наметна потребата уште од самиот почетокот, редовно и со внимание да ги следиме навистина бројните стручни едукативни и комуникациски проектни активности – од советувањата за стечајните постапки и ликвидацијата, бројните обуки и пригодните настани -  се до тркалезните маси на кои детално е дебатирано за примената на постојната законска регулатива“, истакна министерот Бектеши, додавајќи дека, освен Министерството за економија, придобивка ќе имаат бизнис секторот и целото стопанство, поради што ќе се формира посебна работна група  за разгледување на препораките од проектот за зајакнување на административните капацитети како и од бизнисот за подобрување на законската рамка за стечај, во која ќе учествуваат и институции кои ја имплементираат законската рамка и од нив ќе се очекуваат нови предлози за законски решенија, кои ќе доведат до поефективно и поефикасно спроведување на стечајната постапка. 

Се предлага развој на сегашната регулатива за вон судското спогодување во поголем степен да се интегрира во законската рамка за стечај и тоа во случаите на реорганизација или ликвидација, при што се очекува измената да има позитивно влијание врз целокупната законска постапка, која ќе се огледа во поедноставување и намалување на времетраењето на постапките. 

Министерот истакна дека верува во поддршката на Европската унија за модернизација на правната рамка за инсолвентност, со нов пристап и фокус кон реструктурирањето на фирмите наместо нивна ликвидација и дека во оваа насока ќе се настојува Македонија да ги следи и овие, но и европските насоки за зголемување на свеста за значењето на раното предупредување и навременото започнување на реструктуирањето, за надминување на инсолвентноста и спасување на работните места, за зачувување на вредноста на имотот, а со тоа и на иднината на компаниите.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар посочи дека во Европската унија секојдневно преку 600 компнии банкротираат и оти  половина од сите бизниси во ЕУ не успеваат да ги преживеат првите пет години од нивното постоење. Тој нагласи дека излезот од пазарот има негативни последици за економијата и општеството и предизвикува загуба на работни места и знаења.

“Влезот и излезот од пазарот се наоѓаат во срцето на економскиот живот и се основни за соодветно функционирање на пазарите. Ако недостатоците за влез и излез на пазарот се комплексни и ако институциите се неефективни тогаш дури и најдобрите правилници нема да помогнат”, рече Жнбогар, нагласувајќи дека зајакнатата предвидливост и комерцијалните односи со компаниите се многу важни.

Евроамбасадорот посочи дека тенденцијата да се модернизира правната рамка за излез од пазарот е со цел да се зголеми опоравувањето на компаниите.

Со конференцијата се заокржуваат проектните активности реализирани во изминатите 17 месеци со кои се направи  анализа за пропустите  во законската регулатива во Македонија во споредба со европското законодавство во доменот на стечај и ликвидација  и се направени бројни обуки и тркалезни маси на кои присуствуваа околу 500 претставници од релевнтните институции. Заклучоците од конференцијата ќе бидат имплементирани во дневниот ред на Работната група што ќе ја формира Министерството за економија за измена и подобрување на законската рамка за стечај.