Министерот за економија Бектеши на официјална посета на Бугарија

24.10.2017 13:34:35

Софија, 24.10.2017 Министерот за економија Крешник Бектеши престојува на официјална посета на Софија, на покана на неговата бугарска  колешка, министерката за енергетика Теменужка Петкова.

На средбата двајцата министри ја истакнаа добрата соработката меѓу двете земји во областа на енергетиката, безбедноста на снабдувањето со енергија, диверзификацијата на енергетските извори, како и важноста на новите интерконекциски врски и регионалната соработка.

Посебен акцент за време на состанокот беше даден на преземањето на претседателство со Советот на Европската Унија од страна на Бугарија од 1 јануари 2018 година, со фокус  Западен Балкан, при што бугарската страна изрази подготвеност да ја поддржи Македонија во инфраструктурните инвестиции во областа на енергијата и нејзиниот пат кон интеграција во структурите на ЕУ.

Според бугарската министерката за енергетика, за балканскиот регион голем проблем е недоволната инфраструктура,  а Бугарија активно работи на надминување на овој недостаток.

За време на престојот на министерот Бектеши во Софија се одржа и првиот состанок на работната група меѓу македонските и бугарските делегации во рамките на Меморандумот за соработка во областа на природниот гас, потпишан неодамна во Скопје (1 август 2017 година), каде што се разговараше и за можностите за изградба на нова интерконективна врска меѓу Македонија и Бугарија на полето за природен гас, вклучувајќи ги и техничките, финансиските и регулаторните аспекти на градење на оваа нова врска.