Бектеши: Без развиен метролошки систем нема ни фер трговија, ни заштита на потрошувачите

01.11.2017 16:11:11

Скопје, 01.11.2017

Со пригодна свеченост денеска во ЕУ инфо центарот во Скопје беше одбележано завршувањето на Твининг лајт проектот „Зајакнување на капацитетите на Бирото за метрологија за интеграција на внатрешниот пазар“, финансиран од ИПА ТАИБ 2012 програмата.

Преку овој проект во изминативе осум месеци беа споделени чешките искуства во насока на подобрување на капацитетите на вработените во Бирото за метрологија, што подразбираше серија на обуки за остручување и зголемување на компетнетноста на вработените во Бирото за метрологија и тематски работилници за доближување на Бирото кон македонските деловни субјекти, но и за пренесување на европските искуства во примена на резултатите од областа на метрологијата. Истовремено ова овозможи поддршка и во рекалибрацијата на еталонската опрема во земјава. 

Истакнувајќи ја важноста од формирање на единствен пазар на ЕУ, а со тоа и  слободно движење на стоки, што подразбира надминување на сите технички бариери, министерот за екоономија Крешник Бектеши  рече: „Факт е дека инфраструктурата за квалитет дава суштински придонес во надминување на техничките бариери, за фер трговија и грижа за потрошувачите. А сите ќе се согласиме дека без развиен метролошки систем не можеме да зборуваме ни за фер трговија, ни за заштита на потрошувачите“.

Според Бектеши, иако овој твининг проект, реализиран благодарение на средствата од европските фондови, е примарно насочен кон зајакнување на капацитетите на Бирото за метрологија, тој оствари клучна улога и во процесот на усвојување и хармонизација на националното техничко законодавство со она на Европската унија и негова примена. „Бирото за метрологија е институција која е тесно поврзана со  граѓаните и стопанството, па како таква претставува неодминлив елемент во обезбедување квалитетот на производите, подигање на продуктивноста и конкурентноста на пазарот, со еден збор унапредување на економијата на државата“, истакна Бектеши,

И Јаромир Левичек, од Делегацијата на ЕУ во Македонија, потенцираше дека  подобрувањето на ефикасноста на телото за метрологија, согласно европските стандарди и барања, претставува предуслов за слободно движење на стоките меѓу земјите членки на ЕУ и Македонија на единствениот европски пазар. „Мерките се посебно важни за компаниите, и тоа во многу аспекти во нивниот бизнис. Токму метролошката инфраструктура и знаење носат доверба и полза во областа на квалитетот, сигурноста и здравјето“, рече Левичек.

Директорот на Бирото за метрологија Роберт Василкоски нагласи дека довербата во резултатите од мерењето е многу важна без разлика дали станува збор за  анализи, тестови, калибрација или контрола на квалитет на технолошките процеси. Василкоски истакна: „Мерењето е првиот чекор што води до контрола и евентуално подобрување. Ако нешто не може да се измери, тогаш не може ни да се разбере, а ако не може да се разбере не може ни да се контролира, ниту, пак, да се подобри“.

Тој посочи дека Бирото како носител на националната метролошка инфраструктура го контролира и претставува клучен елемент во изградбата на квалитет во државата и е една од најзначајните потпори на научниот и технолошкиот прогрес.