Целосна поддршка за развој на туризмот во Македонија од Светската туристичка организација

23.11.2017 09:54:48

Мадрид, 21.11.2017 

На покана на Светската туристичка организација со седиште во Мадрид, министерот за економија Крешник Бектеши оствари средба со генералниот секретар на оваа организација на Обединетите нации одговорна за промовирање на одговорен, одржлив и инклузивен туризам, г-динот Талеб Рифаи.  

Министерот Бектеши го информираше Генералниот секретар за приоритетите на новата Влада и полтиките и мерките за побрз економски развој, давајќи посебен акцент на туризмот, како една од најважните индустрии во светот. 

На средбата се дискутираше и за правците на развој на туризмот на глобално ниво, за  новите трендови и за подобрувањето на туристичките услуги, а министерот Бектеши ја искористи оваа прилика да ја претстави туристичката понуда на Македонија и  можностите за соработка во поглед на зголемување на бројот на туристи.

 Рифаи истакна дека Република Македонија се позиционира на листата на земји – пријатели на Светската туристичка организација и вети целосна поддршка од оваа главна меѓународна организација која го промовира туризмот како катализатор за економски раст, инклузивен развој и одржливост на животната средина, обезбедува водство и поддршка на туристичкиот сектор во однос на унапредување на знаењата и туристичките политики ширум светот. Генералниот секретар ја истакна и неговата лична желба за побрз развој на туризмот во наредниот период, со оглед на потенцијалите со кои располага Македонија. 

По посетата на седиштето на Светската туристичка организација, министерот Бектеши одржа предавање на тема инвестиции пред студентите на мадрискиот Универзитет „Карлос Трети“, еден од најпрестижните во Шпанија, со цел да ги запознае одблиску за политиките, капацитетите и поволностите за инвестирање во Република Македонија.