Законот за финансиска поддршка на инвестициите пред пратениците

04.04.2018 17:14:08

Со Законот за финансиска поддршка на инвестиции се поставува правна основа за формализирање на поддршката и имплементација на мерките од Планот за економски раст на првите два столба од владиниот План за економски раст, а целта е јакнење на конкурентноста на македонската економија, истакна министерот за економија Крешник Бектеши пред пратениците.

Како што објасни Бектеши, со предлог законот се врши поддршка на претпријатијата во раст, намалување на невработеноста, јакнење на конкурентноста, поттик на соработката помеѓу домашните и странски компании внатре во Република Македонија, зголемување на инвестициите од страна на странските и домашните претпријатија.

„Со создавање на законска рамка во која се уредени видовите и висината на финансиска поддршка на инвестициите, условите, начинот и постапката за  доделување на финансиска поддршка на деловните субјекти кои ќе инвестираат во Република Македонија, врз основа на начелата на транспарентност, еднаков третман и јавност, овозможуваме побрза имплементација на мерките од Планот за економски раст кој ги дефинира главните политички приоритети за претстојниот период, а тие се: зголемување на приватните инвестиции, зголемување на вработеноста, зголемување на ефикасноста, продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор и зголемување на извозот“, рече Бектеши.

Министерот за економија појасни дека законот го подготви владин тим во соработка со сите стопански комори и разни експерти, а со неговото усвојување домашните компании и странските инвеститори ќе можат што поскоро да ги користат овие мерки. Предуслов за аплицирање на компаниите за оваа финансиска помош се завршната сметка од 2017 година и зголемен приход во последните три години, како и да не биде намален бројот на вработени.