Република Македонија и Република Бугарија потпишаа Меморандум за спојување на пазарите за тргување со електрична енергија на двете земји

17.04.2018 11:35:42

Софија, 13.04.2018  Македонија и Бугарија ќе ги поврзат организираните пазари за тргување со електрична енергија, предвидува Меморандумот за разбирање што во Софија го потпишаа претставници на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и МЕПСО од македонска страна и претставници на бугарската Регулаторна комисија за енергетика (EWRC), бугарскиот електропреносен систем оператор ЕСО и бугарската берза за електрична енергија ИБЕКС.

Потпишувањето беше резултат на првиот состанок на претставниците на засегнатите страни, кој се одржа на 12 април 2018 година во Софија. На овој настан активно учествуваа претставници од Министерството за економија на Република Македонија, предводени од државниот секретар Зоран Павловски, од  Министерството за енергетика на Република Бугарија, од EWRC, како и од Секретаријатот на Енергетската заедница и консултантскиот конзорциум за поддршка на проектот.

Намерите од овој меморандум ќе може да се реализираат откако Македонија ќе формира организиран пазар за електрична енергија на кој ќе се тргува по  принципот „ден однапред“, што е предвидено со новиот Закон за енергетика.

Со Меморандумот, македонските и бугарските претставници се обврзаа да организираат проект за "започнување" на проектот до 30 дена од датумот на потпишување, во кој ќе се дефинираат главните фази на проектот, распоредот за спроведување на проектот, како и структурата и составот на работните групи посветени на проектот. Прелиминарното планирање предвидува спојувањето на пазарот да се оствари до вториот квартал во 2019 година.