Бектеши потпиша договор за детални геолошки истражувања кој на Прилеп и Долнени им донесе неверојатни 7,3 милиони евра

25.04.2018 14:07:55

Долнени, 25.04.2018  „Денеска ми е посебна чест овде, во Долнени, да ја претставам  инвестицијата на македонско-турската компанија ‘Волостоне’ - Скопје, која по спроведен Јавен повик за детални геолошки истражувања на електронска аукција понуди највисок износ на средства, и тоа 448.570.000 денари или 7,3 милиони евра, после што Владата на Република Македонија донесе Одлука за доделување на концесија на оваа македонско-турска компанија“, истакна министерот Бектеши на церемонијата на потпишување на договорот со претставникот на ‘Волостоне’ – Скопје, Абдулмуталип Буши.

Договорот за концесија за детални геолошки истражувања на минерална суровина мермер, кој беше  потпишан денеска, е за локалитетот Самарница, кој се протега на териториите на двете општини – Долнени и Прилеп.

„Оваа нова инвестиција ќе овозможи посебен бенефит за двете општини, кои ќе имаат  можност за реализација на нови проекти и економски развој. Процедурата за доделувањето на концесии се врши исклучиво преку електронскиот систем Е-концесии, а распределбата на концесискиот надоместок е во полза на општините, односно дури 78% одат на сметка на општинскиот буџет, а 22% во државната каса“, рече Бектеши, додавајќи дека на сметката на општината Долнени се веќе префрлени 227.424.990 денари или 3,7 милиони евра од концесискиот надоместок, додека во буџетот на општината Прилеп, согласно површината што ја опфаќа концесијата, како концесиски надоместок веќе се уплатени 122.459.610 денари, односно околу 2 милиони евра.

Во име на инвеститорот ‘Волостоне’, г-дин Буши упати благодарност до Владата и до министерот Бектеши и укажа дека според планот на компанијата, во првиот период ќе бидат отворени 100 работни места, а штом стартува работењето на локацијата се планира дополнителна инвестиција од 22 милиони евра за изградба на фабрика и придружни бјекти, со што ќе се зголеми и бројот на вработувања на 500, а пласманот е веќе обезбеден во Кина, Индонезија, Малезија и Кореја, додека следна цел на фирмата е амертиканскиот пазар.

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, подвлече дека станува збор за значајна инвестиција, од која општина Прилеп ќе има придобивки и ќе овозможи непречена реализација на планираните проекти, додека според градоначалникот на  општина Долнени, Џемил Ќамили, инвестицијата доаѓа во вистинско време, бидејќи општината се соочува со огромни долгови од претходната власт, па првенствено ќе овозможи покривање на долговите и реализација на развојни проекти, како што се спроведување на водовод и канализација во населените места кои се соочуваат со овој проблем.

Министерот Бектеши истакна дека со оваа инвестиција и општина Долнени и општина Прилеп ќе добијат одлична можност да го унапредат локалниот развој, да инвестираат во нови и за нивните жители значајни проекти, а со тоа да овозможат унапредување на квалитетот на животот на своите граѓани,  што е и главна определба на Владата и на Министерството за економија.