Бектеши: Со спојување на ден-однапред пазарите со електрична енергија меѓу Македонија и Бугарија ќе се обезбеди сигурност во снабдувањето, конкурентни цени и повисоки стандарди за услуги

18.05.2018 13:27:57

Софија, 18.05.2018  Министерот за економија Крешник Бектеши и министерката за енергетика на Република Бугарија Теменужка Петкова денеска, во присуство на премиерите на   двете држави, Зоран Заев и Бојко Борисов, го потпишаа Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства за спојување на ден-однапред пазарите со електрична енергија меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

„Една од целите на оваа иницијатива е нашата земја да се приклучи на внатрешниот пазар на електрична енергија во југоисточна Европа, со цел на учесниците на пазарот да им се понудат нови деловни можности за прекугранична трговија за постигнување на ефикасност, конкурентни цени и повисоки стандарди за услуги“, рече министерот Бектеши по потпишувањето, додавајќи дека на овој начин дополнително ќе се придонесе за продлабочување и интензивирање на билатералната соработка во областа на енергетиката меѓу двете земји и ќе се олесни интеграцијата на целиот регион на Југоисточна Европа, посебно во Регионот на Западен Балкан, како што налага и  повелбата од Регионот на Западен Балкан 6.

Овој меморандум, како што беше објаснето по потпишувањето, е резултат на либерализацијата што се обезбедува со новите законски решенија за енергетика во Република Македонија, како и на поволната клима на пријателство и меѓусебна поддршка која произлегува од Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Бектеши истакна неколку позитивни ефекти од спојувањето на ден-однапред пазарите со електрична енергија: „Покрај приклучувањето на нашата земја на внатрешниот пазар на електрична енергија во Југоисточна Европа, операторите на системот за пренос ќе ги зголемат капацитетите за прекуграничен пренос во регионот со изградба на нови водови, а националните регулаторни органи ќе ја хармонизираат регулаторната рамка за интеграција на пазарот. Како резултат на сето ова да се зголеми сигурноста во снабдувањето со електрична енергија како клучно прашање за успешното функционирање на електричната мрежа во случај на оперативни ситуации кои тешко може да се предвидат“.

Според Бектеши и Петкова, двете страни во наредниов период ќе ги финализираат сите потребни договори за навремено  спроведување на пазарно спојување меѓу Македонија и Бугарија во предложената временска рамка, во вториот квартал од 2019 година.