Министерот Бектеши во посета на успешни компании во Дебар

28.06.2018 15:26:25

Дебар, 28.06.2018  Министерот за економија Крешник Бектеши денеска престојуваше во Дебар, каде оставри средба со градоначалникот Ружди Љата, а ги посети кол центарот „Слајс“ и  „Дебарски Бањи-Цапа“. На средбата се дискутираше за досегашните инвестиции реализирани во општината, можностите кои ги нуди Дебар, како и поволностите на Владата за привлекување инвестиции.

Бектеши истакна дека Министерсвото за економија е активно вклучено во реализација на проектите и програмите со кои се унапредува економската активност во нашата земја, додавајќи дека еден од најважните проекти, е имплементацијата на мерките од Планот за економски раст. 

Осврнувајќи се на мерките од Планот за екномски раст, министерот информираше дека една од целите на целокупниот концепт за стимулирање на инвестициите е домашните компании да се стимулираат да усвојуваат нови технологии во своите производствени процеси и да градат капацитети за развивање на деловни односи со странски компании, како и да почнат да размислуваат за усвојување на нови пазари надвор од Македонија.

Бектеши искажа големо задоволство бидејќи е гостин на Дебар и на компанијата „Слајс“, која освен во Дебар е лоцирана и во Охрид, посочувајќи ја како пример не само за Дебар, туку и за цела Македонија.

„Оваа компанија е од посебно значење за младите кои ја обезбедуваат својата егзистенција, тука во родниот град. Се надевам дека, имајќи ја во предвид поволната бизнис клима во Република Македонија, освен во Дебар и Охрид, „Слајс“ ќе се прошири и во други градови во државава. Го запознав раководството со поволностите на Владата, посебно со поволноста што се дава за компании формирани од нашите печелбари а кои Владата ги помага со 10 отсто повеќе од било која домашна или странска компанија, рече министерот Бектеши.

Градоначалникот истакна дека Дебар е најбезбеден град, каде не се забележани никакви негативни појави, што, според него, е гаранција повеќе да се инвестира тука.

„Министерот, чија посета за нас претставува посебна чест, го запознав со можностите со кои располага општината за привлекување, како странски така и домашни ивестиции, како и со успешноста на досегашните инвестиции, кои придонесуваат во намалувањето на невработеноста, како што е и компанијата „Слајс“, рече Љата.

Првиот човек на кол центарот Бутринт Сеља, информираше дека од почетокот на годинава остварени се нови 56 вработувања, дека моментно во Дебар и Охрид се вработени 170, односно 165 лица, просечната возраст на вработените е 27 години, а просечната плата 27.000 денари. Ја нагласи добрата соработка со сите институции во општината, посебно со локалната власт

Министерот Бектеши ги посети и „Дебарски Бањи-Цапа“ и познатата германска компанија „Кнауф“, кои се позитивен пример на успешни инвестиции.