Бектеши ги додели традиционалните признанија на најдобрите рудари

31.08.2018 12:59:53

Скопје, 31.08.2018  Дванаесет рудари, номинирани од страна нивните работодавци од активните рудници во државата добија посебни плакети за нивната професионална предаденост и постигнатите резултати, на свеченоста организирана по 11. пат од Министерството за економија, по повод Денот на рударите.

 „Рударите претставуваат наш бесценет човечки ресурс и должни сме да им обезбедиме што подобри услови за работа“, истакна министерот Бектеши, честитајќи им го нивниот празник.

„Овој важен стопански сектор, како и придружните што го опслужуваат овој комплекс во нашата земја, бројат над 10.000 вработени. Гледано по сектори, Рударството и вадењето на камен учествува со 8,31 % во вкупнато индустриското производство во државата, претставувајќи еден од водечките сектори од индустриското производство, со големо значење за македонската економија“, рече Бектеши додавајќи дека одредени општини во државата, па и пошироки области, речиси во целост се зависни од работењето на еден рудник.

„Македонија како држава е отворена за инвестирање во секоја индустриска гранка, но со почитување на обврската за користење на најсовремените техники и технологии. Оваа Влада ќе стори сѐ што е во нејзина моќ да обезбеди рационално и одржливо експлоатирање на рудните богатства од страна на инвеститорите во рудниците, а истовремено да се обрне максимално внимание на зачувување на животната средина и социјалната благосостојба на околното население“, дециден беше министерот за економија.

Претседателот на Македонската асоцијација за рударство Николајчо Николов ги поздрави рударите како движечка сила на овој сектор кој е базата на нашата индустрија, обрнувајќи внимание на потребата од постојано подобрување на нивните услови за работа од страна на работодавачите. Тој акцентот го стави и на измените на Законот за минерални суровини, предложен од група пратеници во скратена постапка, оценувајќи го како селективен и неприменлив, бидејќи кај законската регулатива секогаш  постои можност за подобрување, но со темелна анализа и експертиза. Според Николов, непотребното негативно влијание насочено на рударскиот сектор никому нема да донесе бенефит, особено затоа што развојот на оваа гранка води до  економски раст за државата, а перспективно влијае врз секој сегмент на општеството.  

Министерот Бектеши додели признанија на рударите Душко Тодоровски од „Саса“ - Македонска Каменица, Оливер Најдовски од „Бучим“ Радовиш,  Драган Василев и Зоран Петровски од „Булмак 2016“ од Злетово и од Тораница, Трајче Стојовски од „Мермерен комбинат“ – Прилеп,  Бајрам Несимовски од „Кнауф Радика“ Дебар, Борче Костадиновски од УСЈЕ Цементарница – Скопје, Арсим Исени од „Мали Лошињ“ – Скопје, Мијалче Станојковски од „Гранит“ – Скопје, Насер Мухареми од „Прпарими Пат“ – Тетово и Муса Акментеиз од „Фимар Балкан“ – Прилеп.  Благодарници за особен придонес во областа на минералните суровини, кои ги додели државниот секретар Зоран Павловски, добија Факултетот за природни и технички науки – Штип, Македонската асоцијација за рударство, Државниот факултет во Тетово, Државниот инспекторат за техничка инспекција, Геолошкиот завод на РМ и Универзитетот „Мајка Тереза“ од Скопје. Од страна на рудникот „Бучим“ на министерот Бектеши му беше доделена статуетка во знак на внимание и благодарност за грижата за рударскиот сектор.