Компаниите ги поздравуваат економските мерки за поддршка на нивниот бизнис

11.09.2018 15:13:11

Скопје, 11.09.2018 година Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оствари работна посета на компанијата "Даути Комерц" во општина Сарај, која претставува афирмирано акционерско друштво, како и една од најуспешните и потврдени компании во земјата и пошироко.

Министерот Бектеши на средбата со раководството на компанијата, на која присуствуваше и Градоначалникот на општина Сарај Блерим Беџети, се согласија дека клучот на секој успех е несомнено работењето со посветеност, што резултира со зајакнување на позицијата на компанијата на познати пазари во регионот и пошироко.

‘‘Како што знаете, г-дин Даути има големо искуство во деловното работење и го информирав за посветеноста на Министерството за економија во реализацијата на економски проекти и програми во нашата земја, каде што најважен сегмент е имплементацијата на мерките од Планот за економски раст. И една од целите за промовирање на инвестициите е да им дадеме можност на домашните компании да инкорпорираат нови технологии во нивните производствени процеси и да градат капацитет за развој на деловни односи со странски компании и продирање на нивните производи на поголемите пазари’’ рече Бектеши.

"ДАУТИ комерц, во своето долгогодишно работење како семеен бизнис, ги исполнува сите стандарди на сериозна компанија која, благодарение на досега постигнатите резултати на пазарот во земјата и во странство, има значително влијание врз бизнис-климата кај нас што верувам и се надевам дека ќе го следат и други компании, бидејќи успешните параметри на овие компании значат економски раст и успех за нашата економија ", рече по овој повод Бектеши.

Министерството за економија, изјави Бектеши, ќе продолжи да ги поддржува особено малите и средни претпријатија, за кои само оваа година се одвоени средства за 81 компанија во вредност од 20 милиони денари, главно за набавка на опрема, алати или за проширување на производството или дејноста. 

Еден од сопствениците на ДАУТИ Комерц, Џемали Даути, се заблагодари на посетата на министерот за економија  Бектеши  и на неговата морална поддршка која постојано ја има од Министерството за економија со фактот дека оваа компанија доби три пати награда како Компанија со најдобра општествена одговорност и дека ваквата поддршка ќе биде мотив за освојување на уште поголеми пазари. 

Бектеши во оваа прилика уште еднаш апелираше до нашите компании активно да ги следат јавните повици за мерки кои се дел од владината програма за економски раст и да не се двоумат, да аплицираат под пропишаните услови, за на овој начин да придонесат  за економски раст и подобар стандард за сите граѓани.