МИНИСТЕРОТ БЕКТЕШИ ДОДЕЛИ ПРИЗНАНИЈА НА НАЈСУПЕШНИТЕ ТУРИСТИЧКИ РАБОТНИЦИ ПО ПОВОД СВЕТКИОТ ДЕН НА ТУРИЗМО

27.09.2018 14:36:06

Скопје, 27.09.2018  Честитајќи им го Светскиот ден на туризмот - 27 Септември на традиционалната манифестација што Министерството за економија ја организира секоја година, министерот за економија Крешник Бектеши додели над 50 признанија за најуспешните поединци, здруженија и деловни субјекти од туристичкиот сектор, во повеќе различни категории како: хотел, со поткатегориите: спа, градски, езерски, планински и нова инвестиција; ресторан; сместувачки капацитет од физичко лице; туристичка агенција генерално и  агенција за дојдовен туризам; туроператори; манифестација; туристички водич, како и најдобар проект од областа на туризмот.

Министерот Бектеши се заблагодари на сите чинители од стопанскиот, научниот и културно-општествениот живот во Република Македонија, кои на директен или индиректен начин со своето професионално делување имаат влијание врз развојот на туризмот во земјава: „Минатата година ја завршивме со бројка од вкупно 998.841 туристи и 2,8 милиони ноќевања. Во првото полугодие од оваа година бројот на туристите е зголемен за 16.4 %, а само во јуни имаме зголемување на туристите за 20.7 %. Изразено во апсолутни бројки, во првото полугодие влегле вкупно 433.361 турист, односно имаме вкупно 923.855 остварени ноќевања. На прагот сме на своевиден рекорд од осамостојувањето до денес -  до крајот на годината да ја надминеме бројката од 1 милион туристи и да оствариме 3 милиони ноќевања! Значи, наместо до 2020, ние предвреме ќе ја оствариме зацртаната цел“.

Според него, статистичките податоци се уште еден сигнал дека политиките се одлично поставени, но ќе мора уште да се работи бидејќи целите се многу поамбициозни.

„Нашата цел е Република Македонија да биде на мапата на сите позначајни туристички извозни земји во регионот, Европа, па и пошироко. Искуствата на другите земји говорат дека по влегувањето во НАТО и ЕУ дошло до драстично зголемување на нивото на инвестиции, како и бројот на туристи. Влезот на Република Македонија во НАТО ќе значи поголема сигурност и безбедност за светкиот турист, но и засилени инвестиции во туристичката инфраструктура, што ќе придонесе за уште поинтензивен развој на туристичкиот сектор. Со отворените врати кон Европа, нашите амбициозни цели можат да станат реалност во многу скоро време“, истакна Бектеши.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, ги сподели со присутните резултатите од стратешките проекти и мерките за поддршка и туристичка промоција кои се дел од надлежноста на оваа институција.

„Резултатите од досегашното работење направија македонскиот туристички производ да стане конкурентен на светскиот пазар, а со тоа и да се зголеми туристичкиот промет во државава. Порастот во бројот на туристи и ноќевања се одрази и во пораст на девизниот прилив од ставка туризам. НБРМ за првиот квартал од 2018 година регистрира пораст на девизниот прилив од туризам од 26,5%, споредено со истиот период лани. Очекувањата на АППТ за 2018 година се бројот на туристи да достигне до 1,2 милиони, 3,2 милиони ноќевања и девизен прилив до 24 милијарди денари. АППТ водејќи се од својата заложба за континуиран развој, унапредување и афирмација на туризмот, а имајќи ги предвид предностите и економската корист од развојот на оваа индустрија, инвестира и работи на реализација на програмски активности за да овозможи подобра и поефикасна туристичка понуда“, рече Јаневски.

Што се однесува до признанијата, за првпат годинава, покрај туристичките работници преку своите деловни здруженија,  предлози за најуспешните во споменатите категории можеа да даваат и самите потрошувачи, поточно туристите, согласно распишаниот конкурс кој траеше до 9 септември. 

 

Листа на добитните на признанија