Бектеши: Реформскиот пат на Македонија ќе ја продлабочи соработката со Германија

05.10.2018 13:40:43

Скопје, 05.10.2018  „25-те години билатерални односи помеѓу Германија и Република Македонија се вистински патоказ како се градат цврсти мостови меѓу две земји и во политиката и во економијата, како се поврзуваат два народа, како се негува пријателството и економските врски. Со поддршката која ја добиваме од Германија во нашите напори за имплементирање на реформите за пристапување во ЕУ, согласно европската агенда, Германија уште еднаш покажа дека е неприкосновената движечка сила на европското обединување, останувајќи наш пријател и партнер кон зацртаната цел“, рече министерот за економија Крешник Бектеши во своето обраќање на панел дискусијата насловена: „Трговија и економија – можности и предизвици“,во рамки на Вториот македонско-германски форум на тема: „Градиме мостови – политика и економија“, во организација на Фондацијата Конрад Аденауер и Институтот за општествени истражувања - МК 91.

Ставајќи акцент на економската соработка, Бектеши посочи дека во последната декада  Германија е на првото место на земји со кои Република Македонија остварува најголем обем на трговска размена со светот, илустрирајќи го ова со податокот што само во 2017 година таа достигнала износ од над 3 милијарди евра, а во првото полугодие од оваа година бележи раст од 12.8%, при што извозот е пораснат за 12.5%, а увозот за 13.7%.

„Високата трговска размена е резултат на значајни инвестиции од оваа земја кај нас, па заклучно со 2017 година, вкупната кумулативна вредност на СДИ од Германија изнесува 273 милиони евра, а само во 2017 година се остварени 47,6 милиони евра инвестиции, т.е. 26,2% од вкупните инвестиции, а во првите 6 месеци од оваа година приливот од оваа земја изнесува 19,7 милиони евра, односно 16,5% од вкупниот прилив на СДИ кај нас. Во зоните се регистрирани 10 големи германски инвестиции кои планираат да вложат вкупно 130 милиони евра, имаме две brownfield инвестиции, чиј капитал треба да достигне 80 милиони евра и над 2.000 вработувања, а надвор од зоните германскиот капитал е дел од 200 компании со над 20.000 вработени“, потенцираше Бектеши.

Директорот на делегацијата на германското стопанство во Република Македонија, Патрик Мартенс нагласи дека за бизнисот е најважно да биде ослободен од политика. „Нив им е важно да имаат стабилност во планирањето и правна безбедност со независно судство. Ова се важни начела секаде во светот и за домашните копмании и за инвеститорите. Развојот на инвестициските активности од Германија во Република Македонија очекувам да продолжи, а да се работи паралелно и на расположливоста на работната сила тука, бидејќи германските претпријатија се, главно, технолошки, па потребен е стручен кадар токму во таа област“, потсети Мартенс.

Свое излагање на панел дискусијата имаше и Никица Мојсоска Блажевски од Универзитетот Американ Колеџ – Скопје, според која растот на економијата во Германија во голема мерка влијае врз економскиот раст кај нас. „Последниве години забележуваме промена во структурата на домашната економија, како од аспект на пазарот на трудот, во смисла на доминација на технолошките занимања како одговор на потребите на пазарот, така и од аспект на раст на извозот“, подвлече Мојсоска-Блажевски.

Генералниот менаџер на „Ариљеметал“, Трајан Ангелоски смета дека побарувачката на македонски производи на пребирливиот германски пазар е успех за нашата мала економија, а примената на искуства од германскиот модел на функционирање би придонела за уште побрз економски раст на нашата земја.

Во име на „Костал“ – Македонија, компанија која веќе 2 години работи кај нас, претставување имаше менаџерот Виктор Мизо. Напоменувајќи дека станува збор за семејна компанија со 106-годишна традиција и 20.000 вработени, Мизо го истакна фактот дека дури 80% од нив работат надвор од Германија, што покажува дека глобализацијата и диверзификацијата се основни за овој тип компании, а . економскиот развој на една земја треба да се конципира на техничките дејности, бидејќи индустријата и производството се основен начин за економски напредок.

Во првиот, политички дел од форумот свои излагања имаа и пратеникот во германскиот Бундестаг Торстен Фрај, како и официјалниот претставник на фондацијата „Конрад Аденауер“ Јоханес Раи.

Фрај истакна дека е важно Македонија да оди на патот кон евроатланската интеграција, со цел да се отворат перспективи за луѓето, особено за младите во Македонија кои треба да ја гледаат својата и иднината на своите деца во родната земја, а за да се постигне тоа потребно е да се има правна држава, слобода на медиумите и слобода на изразување, силен образовен систем и стабилен економски развој. 

Според Јоханес Раи, пак, за да се спречи одливот на мозоци од Македонија потребно е да се гради функционален политички систем и институции кои непречено ќе функционираат.