Одржана Конференција за СПА туризам

06.12.2018 13:40:49

Скопје, 05.12.2018  Македонија има над 65 извори на термални води и десетина бањски лекувалишта, Република Македонија има многу поголем потенцијал за СПА туризам кој треба да се искористи со инегрирана активност на институциите, бизнис секторот и локалната самоуправа. Засега, најголемиот број термални извори се користат за загревање на оранжерии и други видови производство.

Како што изјави денеска државниот секретар во Министерството за економија Зоран Павловски на дводневната Конференција за СПА туризам, во организација на  на Министерството за економија и Националната асоцијација за дојдовен туризам на Македонија под мотото „Сите сме дел од истата туристичка приказна“, Македонија има одлични услови за бањски и СПА-туризам, се профилира како посакувана дестинација, а Нејшнл Џеографик не рангира на 26. место за алтернативен туризам.

„Во моментов имаме осум до десет класични бањи, но заложбата е изворите со термални води полека да се отворат и да се стават во функција на туризмот. Сѐ повеќе луѓе обрнуваат внимание на своето здравје, а ние имаме голем потенцијал за алтернативен туризам“, истакна Павловски по конференцијата, после која се одржа и третата Македонска туристичка берза - 2018.

Според него, Македонија секоја година бележи зголемување на бројот туристи. Очекувањата се да ја надминеме бројката од 1,2 милиона што ќе значи зголемување на приходот во Буџетот.

Оценка на Васил Сулев од Националната асоцијација за дојдовен туризам е дека Македонија следната година може да достигне раст од 20 проценти и да ги надмине сегашните 16 отсто. Сулев ги истакна и придобивките за туристичкиот сектор од реализираните активности на Асоцијацијата за дојдовен туризам, а за најуспешните од фелата и партнерите на Асоцијацијата беа доделени признанија.

Свои видувања за развојот на спа туризмот имаа и претставници од Амбасадата на Швајцарија, Германското друштво за интернационална соработка и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на РМ.

Инаку, преку Македонската туристичка берза која овозможува средби на туристичките работници, хотелиерите и агенциите, минатата година се реализирани еден милион евра, а од сегашните бизнис конекции се прогнозираат вкупно 1,5 милиони.

Во текот на вториот ден од конференцијата, свои презентации имаа Филип Муне, кој ги сподели искуствата на Франција и Швајцарија за освојување на пазарот, Аница Палацо (ГИЗ) чија тема беше менаџирање со ризик, проф.  д-р Љупчо Ефтимов се осврна на човечките ресурси во туристичкиот сектор, а експертот Горазд Скрт зборуваше за освојувањето на европските пазари.