Поздравена иницијативата на Бектеши за менување на Тарифникот за концесиски надоместоци во соработка со концесионерите

07.02.2019 15:05:19

Скопје, 07.02.2019  Министерот Бектеши денеска ја одржа првата од серијата дебати за Тарифникот за плаќање на концесиски надоместоци, на која беа поканети претставници од концесионерите и претседателот на Македонска асоцијација за рударство, Николајчо Николов.

Имено, во насока на создавање на партнерски однос со деловните субјекти и инвеститорите во секторот рударство и минерални суровини, а по доставеното предлог решение од експертската работна група која имаше задача да направи компаративна анализа за висината на концесиските надоместоци од  експлоатација на минерални суровини во регионот и во земјите од ЕУ, министерот Бектеши ја иницираше денешната средба со поканетите концесионери, со цел заеднички да се разгледа предлогот за зголемување на сите видови на надоместоци во висина од 50% и низ конкретни предлози и решенија да се дојде до „вин-вин“ решение во втората половина од годината, кое ќе стапи на сила со почетокот на идната година, со оглед на фактот што годинава буџетите и инвестициските планови на концесионерите се веќе изготвени и започнати со реализација.

„Измената на Тарифникот е иницијатива која се наметна по направената компаративна анализа за висината на концесиските надоместоци од  експлоатација на минерални суровини во Албанија, Србија, Бугарија, Турција, Шведска, Хрватска и Романија. Оваа анализа покажа дека за различни минерални суровини надоместоците во Република Македонија се многу пониски од останатите земји, заради што предлагаме нивно зголемување“, рече Бектеши на почетокот на дискусијата.

Исклучок од ова зголемување се битуминозните и мастни карпи, бидејќи за нив сѐ уште во Република Македонија не се доделени концесии, а не е променета ни висината за пресметка на надоместокот за експлоатирана количина на 1m3 геотермална вода и архитектонско – украсен камен од кој не може да се добијат комерцијални блокови и томболони, затоа што овие пресметки се воведени скоро и сѐ уште ја рефлектираат фактичката состојба на пазарот.

При претставувањето на новиот Тарифник беше објаснета и предложената промена во начинот на пресметка на концесискиот надоместок за експлоатирани количини на архитектоско-украсни камења (мермер, оникс, травертин, гранит и други), за кој ќе се наплатува износ од 5% од вредноста на продадената минерална суровина. Ова е од причина што пазарната вредност кај овој вид на суровини има големи разлики, во зависност од бојата, квалитетот и компактноста на минералната суровина, па со ваквиот вид на пресметка реално ќе се врши наплатата на украсните камења.

„Нашата крајна цел е одржливо искористување на минералните суровини, а измената на Тарифникот би овозможила општините каде се вршат овие дејности, како најголеми корисници на средствата од концесиски надоместок, да имаат поголем буџет за реализација на проекти корисни за граѓаните, како што се здравството, образованието и заштитата на животната средина“, истакна Бектеши.

Концесионерите присутни на оваа прва дебата ја поздравија иницијативата за партнерско изготвување на ова подзаконско решение, укажувајќи дека од 2007 година не е извршена промена во делот на неметалични суровини, а од 2012 во делот на металични суровини, додека светските трендови континуирано се менуваат, а особено упатија благодарност за слухот што нема да се донесе интервентно решение кое ќе ги поремети веќе планираните годишни активности и буџетски средства.

„Ова е одлична можност да се направи квалитетн исчекор во изготвување на регулативата, во која нема да губи ниту државата, односно локалната самоуправа, а ни компаниите ќе бидат приморани да работат со загуби. Имавме плодна дискусија, а во наредниот период ќе го разгледаме предложеното решение и ќе доставиме наши предлози за фер наплата на овој надоместок“, истакна претседателот на Македонска асоцијација за рударство, Николајчо Николов.  

Согласно актуелниот Тарифник, концесискиот надоместок се исплаќа по два основа, и тоа за користење на просторот, односно површината на која е доделена концесијата и по основ на експлоатација на минералната суровини. Во контекст на ова, концесионерите укажаа дека треба да се разгледаат и други модели за наплата кои ќе ја отсликаат реалната состојба меѓу концесионерите и ќе придонесат за своевидна меѓусебна категоризација на  рудниците.

Ова е прва од низата планирани дебати на оваа тема, а целта е низ неколку средби да земат учество сите актуелни коцесионери во Република Македонија.