Бектеши: Влезот во НАТО ја осигура стабилноста на државата што придонесе за рекорден раст на инвестициите

15.03.2019 11:25:19

Скопје, 15.03.2019 година  Агендата за економски реформи на Република Северна Македонија, вклучувајќи ги предизвиците и можностите кои таа ги нуди беше во фокусот на работната средба на министерот за економија Крешник Бектеши и членовите на Делегацијата на Поткомитетот за транзиција и развој на Парламентарното Собрание на НАТО, предводена од заменик претседателот Матео Луиџи Бјанки, која беше во дводневна посета на Република Северна Македонија.

Средбата беше искористена за размена на информации поврзани со економската ситуација во земјава, странските директни инвестиции и политиките што ги креира Владата за нивно привлекување, како и влијанието на стабилноста на државата на нивото на инвестиции – постоечки и потенцијални.

Министерот Бектеши нагласи дека влезот во НАТО ја осигура стабилноста и безбедноста на државата што придонесе за рекорден раст на инвестициите од над 624 милиони евра, од кои најголем дел се од ЕУ, САД и Турција, што ги отвара вратите за нови и добро платени работни места, зголемен животен стандард и постепен економски раст.

Делегацијата покажа интерес за приоритетните сектори на кои ќе им се даде посебна важност во наредниот период и кои ќе значат напредок, силна економија и нови перспективи за младите. Според Бектеши, во фокусот на вниманието се енергетиката, индустријата и инвестициите, а со оглед на фактот што Република Северна Македонија е мала земја, членството во големите асоцијации значи економска и политичка стабилност, што се рефлектира во сите сфери на живеењето.

Министерот Бектеши се заблагодари за посетата на Поткомитетот за транзиција и развој на Парламентарното собрание на НАТО,  која се реализира во период важен за нашата земја, кога веќе 8 земји членки на НАТО го ратификуваа протоколот за полноправно членство на Северна Македонија, изразувајќи поддршка на нашите евроатлантски перспективи.