Бектеши: Ќе продолжиме со поддршка на женско претприемништво со цел јакнење на економијата

16.05.2019 18:39:51

Скопје, 16.05.2019 година  Министерот за економија Крешник Бектеши се обрати на Регионалниот Бизнис форум за жени претприемачи од Западен Балкан, кој денеска и утре се одржува во Скопје. На настанот свое обраќање имаа и Анка Јонеску, директор на ЕБРД за Северна Македонија како и Маја Коистра, главен менаџер во ЕБРД за мали бизниси.

Бектеши истакна дека Стратегијата за развој на женското претприемништво изготвена во Министерството за економија со Акциски план кој ќе се имплементира во периодот 2019 – 2023 година, има за цел економско јакнење на жените преку создавање на поволна бизнис клима и обезбедување поддршка за развој на нивниот претприемнички потенцијал,  истовремено ќе придонесе кон развојот на постоечките и отворање на нови претпријатија, креирање на нови работни места, а со тоа и јакнење на целокупната економија.

„За имплементација на Стратегијата,  Министерството за економија носи годишна Програма за конкурентност, иновации и претприемништво, во која годинава само за оваа цел се обезбедени 2.500.000 денари, а се субвенционираа претпријатија во сопственост на жени (над 50%) и управувани од жени, преку кофинансирање на 60% од докажаните трошоци направени за набавка на опрема и алати; уредување на деловниот простор и воведување на софтверски решенија“ информираше министерот дополнувајќи дека Јавниот повик е активен од месец февруари, и дека жените претприемачи може да аплицираат до конечно исцрпување на средствата.  Но истовремено имаат можност да аплицираат и за сите останати мерки од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво, која има обезбеден буџет од 53 милиони денари.

Директорката Јонеску истакна дека програмата е пласирана во октомври 2014 година, и има за цел да го промовира женското претприемаштво, да го подобри пристапот до финансирање и консултантски услуги, како и да даде поддршка на микро, малите и средни претпријатија (ММСП) од Западен Балкан кои се управувани од жени. ПЖПЗБ е финансирана од ЕБОР, Луксембург и Шветска, со интегриран пристап на таргетирање на жените од ММСП во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

„Денеска посетивме неколку компании кои ги искористија придобивките од Програмата за жени претприемачи од Западен Балкан, благодарение на континуираната поддршка на донаторите, на овој начин ќе се зајакне женското претприемништво, економиите во регионот, а со тоа ќе го забрзаме процесот на интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, истакна Коистра.

Настанот овозможи водечките жени претприемачи од Западен Балкан да се вмрежат и да разменат искуства. Споделени ќе бидат и резултатите од Програмата за жени претприемачи за Западен Балкан (ПЖПЗБ) и најдобрите меѓународни пракси за финансирање на жените, а ќе бидат доделени и награди за најуспешните жени претприемачи и најдобрите службеници за кредитирање на бизнисите управувани од жени.