Промовирање на мобилната лабораторија за испитување на хемиски вредности и физички константи на јаглеводороди во нафтените деривати - чекор напред во поглед на заштита на потрошувачите

21.06.2019 18:28:09

Скопје, 21.06.2019  Денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев даде изјава за медиумите за време на промоцијата на мобилната лабораторија за испитување на хемиски вредности и физички константи на јаглеводороди во нафтените деривати и на 13-те возила за борба против сивата економија. 

Покрај премиерот Заев, изјава дадоа и министерот за економија, Крешник Бектеши, директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски и директорката на Бирото за метрологија, Мерита Мустафаи кои ја истакнаа важноста на оваа набавка во борбата против сивата економија и овозможување граѓаните да ја добиваат секогаш најквалитетната услуга а на институциите им се овозможува непречена работа со тоа што од сега ваквиот вид на испитувања ќе ги вршат во Северна Македонија а не надвор од земјата.

„Владата на Република Северна Македонија, и посебно институциите во нејзин состав надлежни за овие активности, постојано водат грижа и ќе водат грижа за унапредување на стандардите и квалитетот на услугите кон граѓаните. Посебно внимание во таа насока се посветува на квалитетот на нафтените деривати, кои како доминантен енергенс во транспортот и сообраќајот, мора да бидат ставени под засилен мониторинг во однос на нивните енергетски стандарди, но исто така и во однос контролата на дозволеното ниво на штетни материи како закана за животната средина и здравјето на граѓаните. За квалитетот на нафтените горива во Република Северна Македонија се грижат акредитирани лаборатории за нафтени деривати. Овие лаборатории ги имаат усвоено најновите Европски стандарди за квалитет на горивата и сите, согласно законската регулатива, мора да ги задоволуваат тие квалитети, а за резултатите кои произлегуваат од овие лаборатории, не треба да постои никаков сомнеж. Сепак, како мерка на дополнителна грижа за квалитетот на горивата и за квалитетот на услугите кон граѓаните, државата презеде мерки за ад хок мониторинг на контролата на квалитетот на нафтените деривати“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев. 

Според премиерот, мобилната лабораторија, која ќе биде опремена според највисоките стандарди, со софистицирани инструменти кои ќе мерат 9 карактеристики на нафтените горива, ќе овозможи на лице место, на терен, да се провери квалитетот на горивата и дали се тие согласно пропишаните стандарди. Со воведувањето на овој национален мониторинг, бидејќи мобилноста на лабораторијата ќе овозможи да биде покриена територијата на цела држава, нема да има потреба од користење на услуги од дополнителни лабораториски испитувања надвор од границите на државата, како што и досега се правеше. 

Министерот за економија Крешник Бектеши ги сублимираше придобивките од оваа мобилна лабораторија, која располага со софистицирана мерна опрема: „Брзо, едноставно и ефикасно испитување на квалитетот на горивото на секоја бензинска станица, во секој нивен резервоар и на секој царински терминал; зголемување на квалитетот на горивата за транспорт, а намалување,  односно исклучување на можноста за манипулација со овие горива, со што ќе направиме крупен чекор напред кон заштита на потрошувачите; со исполнувањето на поставените гранични вредности кај  бензинот и дизелот и редовниот надзор на „лице место“ на квалитетот на течните горива ќе придонесеме и кон заштита на животната средина, што како Влада е наш висок приоритет. Овој тип на капитални проекти придонесува додека чекориме на патот кон ЕУ, да го забрзаме и доаѓањето на Европа кај нас. Со усвојување и хармонизација на националното законодавство со она на ЕУ, секојдневно создаваме услови за формирањето на единствен пазар, за кој слободното движење на стоки, надминување на сите технички бариери и фер трговија се меѓу главните негови столбови.  А сето тоа не би било возможно без развиен метролошки систем“. Како што истакна Бектеши, сето ова, директно или индиректно, влијае за подобрување на конкурентноста, производството, трговијата, како и квалитетот на животот на нашите граѓани. 

Премиерот Заев се осврна и на јакнењето на капацитетите на Бирото за метрологија, со што се обезбедува повисок квалитет на услугите кон бизнис заедницата, потрошувачите и граѓаните, додавајќи дека дополнителна вредност на е и директната соработката на Бирото за метрологија со Државниот пазарен инспекторат. 

„Инспекторатот, чии капацитети од денеска се засилени со нови 13 возила за работа на терен, заедно со мобилната лабораторија на Бирото за метрологија, ќе соработуваат на терен, во ад хок мониторингот на квалитетот на горивата, и ќе имаат можност веднаш да преземат мерки, согласно нивната надлежност, доколку наодите на лабораторијата потврдат нарушување на стандардите и квалитетот на нафтените деривати“, рече премиерот, додавајќи дека намерата на Владата не е да казнува, но секако да укажува, превенира, за да може да ги заштити граѓаните и добро да им служи. Но, доколку се повторуваат прекршоците тогаш доаѓаат и казните, а сето тоа ќе помогне во отстранување на нелојалната конкуренција и  заштита на здравјето на граѓаните.