Министерот Бектеши се сретна со новоименуваната амбасадорка на САД Кејт Мари Брнз: Поддршката на бизнисот е клучна за растот и развојот на економијата

29.08.2019 19:47:54

Скопје, 29.08.2019  Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оствари средба со неодамна именуваната амбасадорка на САД во Северна Македонија, Н.Е. г-а Кејт Мари Брнз. На средбата министерот и амбасадорката разговараа за досегашната соработка помеѓу двете земји, но и за можностите за соработка во иднина, особено во полето на економијата.  

Министерот Бектеши и посака срдечно добредојде на амбасадорката и честитајќи и го именувањето на новата позиција и посака многу успех во извршувањето на работните задачи. Воедно министерот ја искористи можноста да се заблагодари за поддршката која САД ја дава на Република Северна Македонија во процесот на станување на полноправна членка на НАТО алијансата, и во делот на спроведување на реформите со цел за отварање на преговорите за членство во Европската унија.
Бектеши потенцираше дека е многу важна поддршката од САД во делот на владеењето на правото, антикорупцијата, реформите во безбедноста и јавната администрација, која што дава позитивна порака за домашните компании и за странските инвеститори.
Во рамките на состанокот министерот ги презентираше реализираните проекти и планираните активности на Министерството за економија во делот на енергетиката, трговијата, соработката со бизнис заедницата и поддршката на странските инвеститори, со посебен акцент на можностите кои што ги имаат домашните и странските компании согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите кој е основа за развој на економијата и има еднаков третман за сите инвеститори.
Министерот поотенцираше дека од главните цели на Министерството за економија е поддршката на малите и средни компании со цел зголемување на нивната конкурентност, како на домашниот така и на странските пазари, притоа истакнувајќи дека Владата интензивно работи на подобрување на трговските односи со земјите од регионот, а резултат од тоа е воведувањето на заедничко управување на царински и гранични контроли со Република Србија, со најава дека во наредниот период гранични контроли со едно застанување е предвидено да бидат отворени и на граничните премини со Република Албанија и Република Косово со цел олеснување на трговијата со соседните земји.
Во делот на енергетиката министерот се заблагодари на поддршката која што ја даде САД во изготвувањето на Законот за енергетика кој што е од стратешка важност за обезбедување на енергетска стабилност на државата.
Двајцата соговорници се сложија дека клучен предизвик за македонската економија во моментов е реформата во образованието со што ќе се надмине јазот помеѓу понудата и побарувачката на работна сила на пазарот на труд, што ќе овозможи забрзување на растот на економијата.
Министерот истакна дека соработката помеѓу Република Северна Македонија и САД е на особено високо ниво, САД е стратешки партнер на нашата земја и така ќе остане и во иднина.