Амбасадорката Галовеј и министерот Бектеши потпишаа меморандум за проектот „Зајакнување на регулаторната рамка и јавните политики за јавно-приватно партнерство и концесии во Северна Македонија“.

29.10.2019 13:18:01

Скопје, 29.10.2019  Министерот за економија Крешник Бектеши и амбасадорката на Велика Британија во Северна Македонија Рејчел Галовеј денеска потпишаа меморандум за соработка за проектот „Зајакнување на регулаторната рамка и јавните политики за јавно-приватно партнерство и концесии во Северна Македонија“.

Проектот ќе биде реализиран со грант од  750.000 долари, доделен на Министерството за економија од Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, а ќе го спроведува Светска банка.

„Ние го поддржуваме просперитетот на вашата земја со бројни проекти во земјата како што се енергетската стратегија, буџетските реформи, развивање на вештини и иновации, дигитална економија, образование на младите. За проектот за кој што денеска потпишавме договор ние работиме заедно со Светската банка за поддршка на Министерството за економија да ја подобри праксата за користење на Јавно приватно партнерство (ЈПП) и концесиите на одржлив начин преку подобрена законска рамка и зајакнети капацитети за добро владеење. Се надеваме дека овој проект ќе биде во корист на сите, и на домашните компании и странските инвеститори“ истакна амбасадорката Галовеј.

Министерот Бектеши се заблагодари за поддршката од Обединетото Кралство која ја добива Северна Македонија за реализација на овој проект.

„Целта на овој проект е да ја подобриме нашата административна рамка и да воведеме нов модел кој ќе биде основа за соработка меѓу јавниот сектор и приватните инвеститори. Овој модел не е користен многу кај нас, а се користи во развиените држави. Ние како Министерство за економија и како Влада сакаме овој модел со кој од почетокот на 2020 година ќе имаме и законска рамка и стратегија и конкретни проекти кои ќе се реализираат да им овозможиме на потенцијалните инвеститори да имаат предвидлива бизнис клима, но и да ги намалиме буџетските трошења за оваа намена“ потенцираше министерот Бектеши.

Проектот кој ќе се имплементира од страна на Светска Банка преку Фондот за добро владеење на Велика Британија, опфаќа 6 компоненти кои имаат за цел подобрување на амбиентот за користење на ЈПП и концесии на одржлив начин преку подобрена законска рамка и зајакнат капацитет за добро владеење.

Реализацијата на овој проект ќе придонесе за социо-економски развој на Северна Македонија преку поттикнување на конкурентност, инвестиции, трговија и технолошки иновации. Домашните и странските приватни фирми и финансиери бараат потенцијални можности за инвестирање во државите од Западен Балкан со силна правна рамка, владини капацитети и процедури за управување со ризик, чија постојна законска и регулаторна рамка, треба да се на соодветно ниво со стандардите на ЕУ.