Нова странска инвестиција во ТИРЗ Скопје – Турската компанија Пурпласт иницијално ќе инвестира до 12 милиони евра и ќе отвори нови 300 работни места

29.10.2019 14:06:11

29 октомври, 2019  Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски и извршниот директор на турската компанија Пурпласт Мехмет Шишманоглу, денес во Владата на Република Северна Македонија, потпишаа договор за долгогодишен закуп на градежно земјиште во ТИРЗ Скопје 2. Компанијата Пурпласт закупи 26.266 квадратни метри во зоната во Бунарџик, а фабриката која ќе започне да се гради наскоро е нивна прва надвор од Република Турција. 

Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, обраќајки се на свеченоста, потенцираше дека индустријализацијата на Северна Македонија продолжува со силно темпо, притоа појасни дека во изминатиот период започнаа со реализација триесетина инвестициски проекти, од кои дел веќе започнаа со работа, дел се во фаза на градба, а еден дел се подготвуваат за градба на производствените капацитети. 

„Токму како резултат на новите инвестиции на странските и домашните компании, реализирани се нови 54.000 илјади вработувања во изминатите две и пол години. Работата на реалниот сектор придонесе за раст на индустриското производство, во август 2019 година во однос на истиот месец лани тоа е зголемено за 9,8%, додека во периодот јануари-август во споредба  со истиот период во 2018 година растот е околу 5,5%.  Економијата ја базираме на раст на индустријата, земјоделството, градежништвото и трговијата и сите овие сектори се во подем. Задоволство ни е што компанијата Пурпласт во конкуренција од 5 земји, ја избра Република Северна Македонија како прва дестинација за фабрика надвор од Република Турција, а во Владата ќе имаат сериозен партнер за понатамошен раст и развој на фабриката “, подвлече вицепремиерот Анѓушев. 

Министерот за економијата м-р Крешник Бектеши нагласи дека со потпишување на договорот се продолжува позитивниот тренд на раст на инвестиции во Северна Македонија и дека позитивните економски индикатори се резултат од Владиниот план за економски раст, со кој на компаниите им се овозможува транспарентна, предвидива и значителна поддршка за реализација на инвестициите. 

„Планoт за економски раст не дава резултати само во делот на привлекување на странски инвестиции, туку и во други аспекти. Сите инвеститори кои во моментов оперираат во Северна Македонија во моментов имаат добавувачи кои се надвор од државата. Но, сега со мерките од Планот за економски раст се докажува дека ние со мерките кои ги даваме за компаниите, ги носиме тие добавувачи да инвестираат во Северна Македонија, односно носиме нови странски инвеститори во нашата земја кои ќе бидат добавувачи за странските инвеститори “, дополни министерот Бектеши. 

Извршниот директор на компанијата Пурпласт, Мехмет Шишманоглу посочи дека оваа инвестиција е прва која се реализира во странска држава и нагласи дека е особено задоволен што потпишувањето на договорот се случува во денот кога се одбележува Денот на Републиката, односно 96 години од формирање на современата турска држава. 

„Пурпласт е компанија со 500 вработени во 4 фабрики во Република Турција,  која своите производи ги извезува во 36 земји, а соработува со светски познати компании како Мерцедес, Волво, Сканија, БМВ, Фиат и се разбира Ван Хол.   Планираме почетна инвестиција од 5 милиони евра, со отворање на нови 100 работни места, додека вкупните инвестиции, кои ќе се развиваат во повеќе фази се очекува да достигнат 12 милиони евра и околу 300 нови работни места. Фабриката која ќе ја изградиме во Северна Македонија, ќе биде главен логистички центар за Европа“, потенцира Шишманоглу и додаде дека очекува дека отворањето на фабриката ќе се совпадне со одбележување на 40 годишнината на компанијата и ќе се случи во 2020 година. 

Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски посочи дека иницијалните контакти со компанијата Пурпласт се воспоставени пред само два месеци, а подвлече дека станува збор за компанија со 40 годишно искуство во производството на пластични компоненти за автомобилската индустрија. 

„Компанијата работи во автомобилската индустрија, а своите производи ги извезува во 36 земји во светот. Во индустрискиот капацитет во ТИРЗ Скопје 2, инвеститорот ќе произведува пластични маски и други пластични компоненти за компанијата Ван Хол и многу други компании кои произведуваат автобуси и компании“, нагласи директорот Младеновски.