Бектеши: Работиме на енергетска транзиција на земјата преку инвестиции во енергетски капацитети за производство на струја од обновливи извори

03.12.2019 17:20:28

Скопје, 03.12.2019  Министерот за економија Крешник Бектеши се обрати на панел-дискусијат во рамки на првиот меѓународен саем “RINEXPO“ кој денеска се одржа во Скопје.

Главна тема на панел-дискусијата беше изградбата на фотонапонски електрани и инвестициите во соларна енергија во земјата.

Министерот Бектеши истакна дека една од главните цели на енергетската политика на Република Северна Македонија е привлекување на инвестиции за изградба на енергетски објекти и инвестирање во зелена енергија која ќе придонесе во заштита на животната средина и ублажување на климатските промени. За таа цел, како што потенцираше министерот во 2018 година беше донесен и новиот Закон за енергетика каде меѓу другото во делот за обновливи извори на енергија  се предвидени стимулативни мерки за поттикнување инвестиции во обновливи извори на енергија и тоа: повластена тарифа како пропишан паричен износ кој се доделува за откупената електрична енергија од страна на операторот на пазарот и премија како дополнителен износ на цената која ја остварил со продажбата на произведената електрична енергија на пазарот на електрична енергија на големо.

„Од страна на Министерството за економија се објавија два меѓународни  тендери за доделување на премии за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали, првиот Јавен оглас за доделување на договор за право на користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на земјиште во сопственост на РСМ беа примени вкупно 82 понуди, а предивдено е да се изградат 35 мегавати фотоволтачни централи“, информираше Бектеши додавајќи дека електронската аукција е завршена за вкупно 35 мегавати и веќе во буџетот се очекува да се исплатат над 2,5 милиони евра, и тоа на сосема конкурентен начин, без никаков трошок и товар врз цената на електричната енергија, ќе се изградат нови фотоволтаични електрани со вкупна моќност од 35 мегавати.

„На вториот јавен оглас за доделување на договор за право на користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на земјиште кое не е во сопственост на РСМ или на земјиште во сопственост на РСМ на кое е воспоставено право на користење се примени вкупно 43 понуди, за овој повик во тек е постапка за евалуација на понуд“, информираше Бектеши.

Министерот истакна дека пред една недела беше свечено потпишан договорот за изградба на фотоволтаична електрана Осломеј, со инсталирана моќност од 10 мегавати, кој што претствува добар пример за енергетска транзиција, односно пренамена на производни капацитети на електрична енергија од фосилни горива, во енергетски капацитет кој произведува електрична енергија од обновлиив извори, поконкретно во овој случај изградба на фотоволтаична централа.

Генералниот директор на REECO International, Јохан-Георг Ром порача дека саемот е вистинското место за зголемување на инвестициите во зелената енергија и додаде дека во наредните два дена повеќе од 10 презентери и над 1.500 експерти ќе учествуваат на тркалезните маси, конференциите и дискусиите во рамките на саемот за да ги претстават своите трудови за планираните и спроведени проекти во секторите енергетика, заштита на води и управување со отпад.

На конференциите во рамките на саемот „RINEXPO“, експерти од Северна Македонија, регионот и светот ќе ги представат своите трудови за планираните и спроведени проекти, кои на најдобар начин ги илустрираат најновите случувања и трендови од секторот на енергетика, заштита на вода и управување со отпад. Ќе бидат прикажани најновите технолошки решенија и примери на добра практика, како за големи системи така и за домаќинства и мали и средни претпријатија.