Граѓаните ќе можат да се исклучат од системот за парно ако докажат дека ќе се греат поефикасно

29.01.2020 17:16:02

Скопје, 29.01.2020  Денес на Комисијата за европски прашања, претседателот на Комисијата и пратеник Артан Груби предложи амандман на Предлог Законот за енергетска ефикасност за допрецизирање на прашањето поврзано со правото на потрошувачот на топлинска енергија да користи поефикасен систем за централно греење и/или ладење. Амандманот беше прифатен од Министерот за економија, Крешник Бектеши, како претставник на Владата.

Новината е дека секој граѓанин приклучен на системот на топлинска енергија ќе има можност да се исклучи од постојниот систем за греење само во случај кога системот на кој планира да се приклучи или системот за поединечно греење и/или ладење којшто ќе го користи, обезбедува подобри енергетски перформанси, односно е поефикасен и еколошки поприфатлив и го намалува користењето на примарна енергија во споредба со системот за централно греење и/или ладење на којшто е приклучен, земајќи ја предвид енергијата потребна за екстракција, конверзија, транспорт и дистрибуција, што ќе може да го докаже со извештај од претходно извршена енергетска контрола изготвен од овластен енергетски контролор за згради. Истовремено граѓанинот треба да безбеди писмена согласност за исклучување од системот за централно греење и/или ладење од мнозинството од вкупниот број сопственици на посебни делови на зградата согласно Законот за домување.

Во насока на обезбедување на чист воздух, а истовремено примена на мерки за енергетска ефикасност во иднина нема да има нерационални исклучувања од системот за топлинска енергија. Со новата Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година која е усвоена од  владата, најголем акцент се става на енергетската ефикасност и на обновливите извори на енергија. Со цел за нејзина имплементација мора да се подигне свеста на секој граѓанин за рационално користење на енергијата. Следејќи го овој пример може да стигнеме до ефикасност, бидејќи секој денар вложен во ефикасност се враќа за краток временски период и истовремено се остварува добивка преку остварените енергетски заштеди. Во оваа насока е и политиката и иницијативите на ЕУ за енергетска ефикасност и за справување со климатските промени.

Воедно, се дава правен основ за регулирање на начинот и постапката за исклучување на потрошувачот со Правилата за снабдување за топлинска енергија кои Регулаторната комисија за енергетика го носи согласно Законот за енергетика