Информативна видеосесија „КОВИД-19, прашања и одговори: За ограничувањето на движењето“

09.04.2020 11:25:26

Владата на Република Северна Македонија денеска ја започна серијата информативни видеосесии со наслов „КОВИД-19, прашања и одговори“, во чии рамки се одговараат актуелните прашања поврзани со актуелната состојба со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19 во земјата.

На првата видеосесија денеска „КОВИД-19, прашања и одговори: за ограничувањето на движењето“ на актуелни прашања поврзани со најновите мерки кои ги презема Владата на Република Северна Македонија за справување со последиците од инфекцијата, конкретно за новите рестрикции на движењето за граѓаните на ниво на целата територија, кои почнуваат од денеска, говореа министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за информатичко општество и јавна администрација, Дамјан Манчевски и дополнителната заменичка-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска.

Петровска, Бектеши и Манчевски одговараа на актуелните прашања во врска со најновите рестрикции на движењето за граѓаните на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден. За време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16:00 часот до 05:00 часот во понеделник на целата територија на државата. Дополнително, за лицата над 67-годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 часот до 12:00 часот. За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 часот до 15:00 часот.

Според Одлуката на Владата, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што дозволено е родител да биде во поголема група со своите деца до 14 години. Новите ограничувања за сите граѓани во земјата, стапија на сила, денеска, среда, 8-ми април 2020 година во 16:00 часот.

Овие ограничувања, како што нагласи министерот Бектеши се донесени со цел заштита на здравјето на сите работници, а во насока на одржувањето на целата економија, Владата и стопанството продолжуваат со партнерскиот однос и во овие вонредни услови се разговара за најидеални решенија за продолжување на работењето на компаниите. „Во таа насока, Владата усвои дополнителни мерки и заклучоци за работата на економските оператори за овој период и треба да се информираат сите компании, економските оператори во нашата држава дека тие што работат во прва смена треба да го организираат работниот процес согласно ограничувањата и посебниот режим на движење, а производствените капацитети кои работат и во втора, трета и четврта смена да го организираат својот начин на работа како и до сега, со издадени дозволи за движење од страна на работодавачот согласно пропишаниот образец“, информираше министерот Бектеши, кој ги повика сите стопанственици да ги почитуваат препораките на Владата за заштита на здравјето на работниците.

Бектеши додаде дека производствените погони и фабриките и транспорт ќе продолжат да функционираат и во време на забраната за движење и за оваа намена самите работодавачи ќе издаваат посебни дозволи за движење на работниците во време на полициски час исклучиво до и од работното место. Се работи за истите дозволи коишто се издаваат на образецот усвоен од страна на Кризниот штаб, а ги издаваат самите одговорни лица во компанијата и тие можат да бидат контролирани од Министерството за внатрешни работи иако не се заверени од нивна страна.

Во дозволата се наведуваат основните податоци за работникот, адресата на живеење, но и работното место и називот на компанијата во којашто работи лицето. Притоа, се наведува и смената во којашто е ангажиран работникот. Дозволата ќе биде потврда за движењето на работникот во услови на воведен полициски час и истата при контрола ќе треба да се приложи на увид до органите на државата. Дозволата за движење важи исклучиво за лицето на чиешто име е издадена.

Во врска со издавањето на дозволи за движење за време на т.н. полициски час, министерот Манчевски детално информираше за кои категории на граѓани дава дозвола МИОА и дали се опфатени и вработените во приватните фирми.

„Постојат различни категории и на приватни компании, за кои што на дел ние издаваме, но во поголем дел како што беше кажано самите компании, односно работодавачи издаваат на своите вработени и важно е да се знае дека може да се користи само за движење од домот до работното место и назад. Ако при контрола од МВР се констатира дека лицето се наоѓа надвор од наведената релација ќе имаат сериозен проблем“, нагласи министерот Манчевски, апелирајќи на одговорно однесување на сите граѓани.

Тој појасни дека дозволите се за неограничено движење и тие се однесуваат претежно на институциите кои имаат потреба да се движат кога трае забраната за движење, за медиумски работници кои имаат потреба од работа на терен, за вработени во мали пекари или бурекчилници односно за погони со помалку од 5 вработени, за вработени во погребалните претпријатија, како и за категорија на земјоделци за кои добиваат список од ресорното Министерство - подрачните единици, а кои имаат потреба да работат на нивните ниви за време на забраната за движење.

„На денешната седница на Владата се одлучи тука да се вклучат и категоријата регистрирани одгледувачи на домашни миленици, кучиња, животни, чии информации ќе ги добиеме преку Сојузот на кинолози“, додаде министерот Манчевски објаснувајќи дека дневно се разгледуваат состојбите и се води сметка ниедна категорија на граѓани да не остане без можност за извршување на неодложни обврски.

Министерот Манчевски исто така нагласи дека Министерството кое тој го води издава дозволи и за лица кои се грижат за лица кои имаат потреба од нега од друго лице, врз основа на соодветна медицинска документација.

Дополнителната заменичка-министерка Петровска, се задржа подетално да одговори на прашањето, кое се однесува на исклучок од забраната за движење, а се однесува на земјоделците, доколку се движат во атарот на селото, односно дали тоа опфаќа и 5, 10 километри оддалеченост.

„Атарот на селото значи територијата на населеното место на живеење на земјоделецот, без разлика на километри на оддалеченост од местото на живеење. И ако се работи за истото населено место, на земјоделецот не му треба посебна дозвола, освен што важат генералните препораки: забраната за движење а лица над 67-годиша возраст и до 18 годишна возраст“, посочи заменичката Петровска.

Таа објасни дека за сите останати земјоделци, кои се движат по локален или регионален пат кои и ја напуштаат територијата на населеното место каде живеат, тогаш им е потребна дозвола, како што погоре беше нагласено преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се обраќаат до Министерството за информатичко општество и јавна администрација и за нив важат генералните препораки.

Министерот Манчевски информираше дека од денеска, во употреба се пушта електронска услуга, преку коа секој граѓанин ќе може сам преку Националниот портал на услуги uslugi.gov.mk да пополни барање, електронски образец, со прикачување на документ доколку е потребно и дозволите ќе се издаваат електронски на електронската адреса на лицето кое побарало дозволата. Дозволата не мора да биде испечатена, туку може да се покаже и од мобилниот телефон и таа се проверува преку специјален код.

Исто така, тој одвлече дека за одредени маркети, доставувачи на храна и прехранбени продукти, процедурата за дозволи ќе оди преку Општинските кризни штабови, кои се координирани од Владино координативно тело.

На денешната информативна сесија, беше отворено и прашањето, каква е постапката доколку граѓаните поради неодложни, моментални здравствени проблеми имаат потреба од лекар.

„Го имавме предвид ова, бидејќи во животот се случуваат и непредвидени работи, граѓаните немаат потреба да бараат на броевите 192, или да бараат дополнителна дозвола, туку тие треба да се упатат до најблиската болница и доколку бидат сопрени од теренските контроли доволно е да ја кажат точната локација на здравствена установа каде се упатуваат. Тие ќе бидат евидентирани и пропуштени, а полицијата ќе изврши дополнителна контрола дали лицето навистина се упатило на наведената локација“, објасни заменичката министерка за внатрешни работи, која нагласи дека злоупотребата ќе биде санкционирана.

На денешната информативна видеосесија беше потенцирано дека сите угостителски објекти и ресторани кои испорачуваат храна ќе можат да работат за време на дополнителната забрана, користејќи ги истите дозволи кои издаваат самите одговорни лица во компанијата. Инспекциски надзор за тоа дали трговските објекти ги почитуваат цените прави Пазарниот инспекторат кој секојдневно е на терен во сите трговски објекти, а сите злоупотреби можат да се пријават на бесплатната линија 191.

На денешната информативна сесија беше отворено прашањето и за работата на градежните фирми и големи корпорациски системи, односно дека и тие можат да работат непречено, со препорака самите да го организираат производниот процес почитувајќи ги сите препораки на Владата, односно Министерството за здравство, како што е лимитирањето на бројот на работниците, да се одржува растојание од 1,5 до 2 метри, да се почитуваат општите препорачани мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена и дезинфекција на сите работни простории, особено во погоните, од овластена служба за тоа, со цел намалување на опасноста од инфицирање со вирусот.

Во врска со организирањето на такси превоз беше кажано дека постојат дежурни возила, кои можат да ги превезуваат граѓаните од нивниот дом до здравствена установа и за оние кои имаат дозволи за движење.

За превозот на вработените во здравствените установи, во соработка со Градот Скопје е организиран превоз со возила на ЈСП и друг вид возила, кои ќе возат по точна одредена рута за која ќе бидат информирани здравствените работници.

Во врска со извршувањето на работни задачи на терен, заменичката-министерка Петровска постои ограничување и во еден автомобил н смеат да се возат повеќе од тројца и во оваа бројка се смета и возачот, и дека освен заштитната опрема, потребна и соодветна дозвола кои ги издаваат работодавачите за движење на работниците во време на полициски час исклучиво до и од работното место.