Видео-состанок Бектеши-Галовеј:Поддршката на бизнисот за зачувување на работните места е клучна за справување со корона-кризата, разгледуваме мерки за зголемување на конкурентноста на компаниите

15.04.2020 18:57:19

Скопје, 15.04.2020  Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оствари видео –состанок со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј.

Тема на состанокот беа мерките кои што ги превзема Владата за поддршка на компаниите за справување со последиците од здравствено-економската криза предизвикана од Коронавирусот Ковид 19, но и плановите на Владата за повторно враќање на економијата во нормала.

Министерот ја информираше британската амбасадорка за двата пакета на економски мерки кои што ги донесе Владата за поддршка на најпогодените сектори. Како што истакна Бектеши главна цел на мерките е да се спаси секое работно место, а предвидуваат меѓу другото државна поддршка за исплата на минимална плата од 14.500 денари за работниците, намалување за 50% на трошоците заперсонален данок за најпогодените компании.

„Постојано сме во комуникација со бизнис-заедницата и секојдневно работиме на мерки за олеснување на работењето на компаниите. За нас најважно е да го зачуваме секое работно место. Во директна комуникација сме и со домашните, но и со странските компании во нашата земја кои што се најголеми извозници, но имаат и најголемо учество во македонскиот БДП. Целта е да им излеземе во пресрет за полесно да се справат со последиците од оваа криза, истакна министерот Бектеши и најави дека во наредниот период ќе се одржат низа состаноци со странските инвеститори кои што работат во Технолошко-развојно индустриските зони на кои што ќе им бидат претставени мерките кои што ги донесе Владата , но и ќе се земат во предвид и тешкотиите со кои тие се соочуваат како резултат на корона-кризата со цел да се обезбеди нивно непречено работење.

Амбасадорката Галовеј истакна дека веќе се разгледуваат можности за пренасочување и зголемување на поддршката која што ја дава Обединетото Кралство преку различни фондови за Северна Македонија пред се за зголемување на деловната активност. Воедно истакна и дека заедно со економскиот тим во Амбасадата и во Обединетото Кралство, но и со британските компании кои што работат во Северна Македонија ќе ги разгледаат сите можности кои им стојат на располагање бидејќи оваа криза ќе биде предизвик за сите.