Бектеши на средба со претставници од Здружението за туризам и угостителство: Продолжуаме со поддршка на туристичко-угостителскиот сектор и во Четвртиот пакет мерки

02.09.2020 19:16:44

Скопје, 02.09.2020   Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оствари работна средба со претставници од Здружението за туризам и угостителство при Стопанската комора на Македонија.

Тема на состанокот беа проблемите со кои се соочува секторот туризам и угостителство како резултат на здравствено-економската криза предизвикана од Ковид 19, и мерките кои во иднина ќе се превземат со цел намалување на штетите.

Министерот информираше дека како најпогоден сектор, фокусот на Владата беше насочен токму кон поддршка на туризмот и угостителството за што се донесоа и реализираа неколку мерки во изминатите неколку месеци како што се: субвенции за исплата на минимална плата на работниците, ваучери за поддршка на домашен туризам и субвенции  за организирање на конференции, семинари и обуки во домашни туристички капацитети.

“ Важноста на овој сектор за Министерството за економија го покажува и фактот што еден од првите работни состаноци во новиот мандат е токму овој состанок со Здружението за туризам и угостителство. Поддршката за овој сектор ќе продолжи и во наредниот период преку Четвртиот пакет мерки кој е во фаза на подготовка. Мерките ќе се носат со целосна вклученост и консултација на секторот врз основа на реалните потреби„ истакна министерот Бектеши.

Информираше дека досега се искористени над 25 илјади ваучери за поддршка на домашен туризам, а најголем дел од средствата за финансиска поддршка за исплата на минимална плата се искористени токму од туристичко-угостителскиот сектор, што покажува дека во прв момент поддршката била во вистински правец. Во овој момент Министерството за економија и Владата имаат поголема предвидливост за наредниот период и врз таа основа ќе ги креира идните мерки.

Министерот исто така информираше дека во програмата на Владата за четиригодишниот мандат е предвидено намалување на ДДВ на ресторантски услуги, што е едно од долгогодишните барања на туристичките работници.

Од Здружението за туризам и угостителство доставија неколку барања кои што Министерството за економија ќе ги разгледа во најбрз можен рок, со цел да се дејствува навремено.

Меѓу барањата од Здружението за туризам и угостителство да се продолжи поддршката за придонеси на вработени, и финансиска поддршка за минимална плата до март месец следната година, ослободување на ДДВ за услуги во угостителството во времетраење од една година, да се предвиди ослободување од ДДВ на туристичките услуги кои се извршуваат надвор од Европската унија, и да се поедностави процедурата за субвенции. Меѓу барањата кои што ги достави туристичкиот сектор се и формирање на Гарантен фонд во туризмот, финансиска поддршка за маркетинг активности за дојдовен туризам, зајакната промоција во земјите од регионот и од Европската унија и др.

На состанокот беше договорено да се организира заедничка Конференција помеѓу Министерството за економија и туристичкиот сектор за одбележување на Денот на туризмот 27ми септември на која главни теми на дискусија ќе бидат актуелната состојба предизвикана од кризата од која ќе произлегуваат предлог мерки за поддршка на секторот како и реформа на туризмот и угостителството во насока на зајакнување на извозната компонента на секторот.