Средба на министерот Бектеши со шпанскиот амбасадор Лоренцо Сера: Северна Македонија и Шпанија имаат голем потенцијал за зголемување на трговската соработка

14.10.2020 13:46:14

Скопје, 14.10.2020 година   Министерот за економија Крешник Бектеши оствари средба со амбасадорот на Кралството Шпанија, Н.Е. Емилио Лоренцо Сера и советникот за економска соработка Роберто Руиз Антолин.

Тема на состанокот беше билатералните односи меѓу двете земји како и можностите и потенцијалите за продлабочување на економската соработка.

Амбасадорот Лоренцо Сера упати честитка за изборот на новата Влада, како и за повторниот избор на министерот Бектеши за министер за економија.

Министерот Бектеши го информираше амбасадорот Сера за политиките и мерките кои ги спроведе Владата во справување со последиците од пандемијата, пред се во делот на поддршка на економијата.

Министерот Бектеши се заблагодари за пријателската поддршка од Кралството Шпанија во демократските и евроатлантските процеси на земјава, и истакна дека има голем простор за зголемување на економската соработка, пред се поради фактот што дека Кралството Шпанија е една од ретките земји со кои Северна Македонија има суфицит во економската соработка.

Овие податоци, како што истакна министерот се поттик двете земји во наредниот период да работат засилено на зголемување на трговијата, но и на поддршка на компаниите за проширување на своите деловни активности во двете земји.

Министерот и амбасадорот се согласија дека има голем простор за соработка пред се во делот на инвестициите во енергетиката, посебно кај обновливите извори на енергија за што Шпанија има големо искуство.

Министерството за економија и во наредниот период ќе остане отворено за секаков вид на соработка со Кралството Шпанија , кажа министерот Бектеши, а со амбасадорот Сера се согласија дека ќе работат на дополнително унапредување на економските односи помеѓу двете земји.