Бектеши на средба со менаџментот на СКСЗМ: Се грижиме за приватниот сектор преку зајакнување на соработката

30.10.2020 10:19:20

Скопје, 30.10.2020 година   Министерот за економија Крешник Бектеши оствари работна средба со претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа и потпретседателите Арсим Папранику, Ејуп Абдулаи и членот на Комората, Ќаније Селими.

Целта на состанокот беше зајакнување на соработката помеѓу Комората и Министерството за економија, во делот на креирање на мерки и политики за подобрување на условите за работа на компаниите.

За таа цел Стопанската комора на Северозападна Македонија назначи еден од своите членови кој ќе биде директен линк помеѓу Комората и Министерството за економија во делот на креирање на мерки за поддршка на бизнисот.

Министерот Бектеши на претставниците на компаниите членки на Комората им го презентираше Четвртиот сет на мерки на Владата, посебно во делот на мерките кои што се спроведуваат од страна на Министерството за економија.

“Една од мерките во Четвртиот сет,  како одговор на долгогодишните барања на бизнисот е намалување е парафискалните давачки, кои бизнис секторот ги посоочува како еден од клучните фактори за подобрување на конкурентноста, кажа министерот Бектеши и посочи дека во тек е формирање на мултиинституционална работна група која што во наредните неколку месеци ќе работи на утврдување на оние услуги кои имаат карактер на парафискални давачки, а кои би можеле да се намалат и да се скратат.

„Нашата цел е да се намалат колку што можат административните обврски и трошоците на бизнисот“ кажа министерот Бектеши.

На средбата се дискутираше и за идните предизвици и мерки за олеснување на условите за работа на бизнисот, посебно во услови на пандемија.

Во духот на подобрување на соработката помеѓу Министерството за економија и Стопанската комора на Северозападна Македонија во наредниот период ќе биде потпишан и Меморандум за соработка.