Бектеши: Над 400 компании ќе бидат поддржани со мерката за финансиска поддршка на конкурентоста

03.11.2020 15:18:36

Скопје, 02.11.2020 година  Над 400 компании кои што инвестирале или ќе инвестираат во зголемување на конкурентоста за време на ковид и пост -ковид периодот ќе добијат финансиска поддршка од државата, кажа министерот за економија Крешник Бектеши во емисијата Топ Тема на Телма.

За поддршка на бизнисот од оваа мерка која беше дел од третиот сет мерки на Владата, како што кажа министерот, ќе бидат распределени од 17 до 18 милиони евра во зависност од инвестицискиот циклус на компаниите.

“Денеска имав прилика да го добијам и извештајот од Комисијата која што работеше на Јавниот повик за финансиска поддршка на конкурентноста на компаниите за време на ковид и пост- ковид период и сакам да информирам дека ќе бидат поддржани над 400 компании кои инвестираат или ќе инвестираат во текот на 2021 година, а тоа значи и отварање на нови работни места. За оваа мерка треба да се донесе одлука, што значи дека 17 до 18 милиони евра ќе бидат распределени во компаниите за нивниот инвестициски циклус.