Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Дурмиши во посета на „Киел Македонија“: Нови инвестиции, проширување на производството и можности за нови вработувања

Дурмиши во посета на „Киел Македонија“: Нови инвестиции, проширување на производството и можности за нови вработувања

Тетово, 12 ноември 2026 година

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ја посети компанијата „Киел Македонија“ во Технолошко-индустриската развојна зона Тетово, каде што се запозна со производствените капацитети, новите инвестиции и плановите за понатамошно проширување на дејноста и отворање нови работни места.

„Киел Македонија“, која е дел од германската Киел Групација, работи во земјава од 2017 година и денес вработува околу 190 лица во двата производствени капацитета во Тетово и Желино. Компанијата континуирано го проширува производството, а досегашните инвестиции во постојниот објект во ТИРЗ Тетово надминуваат 11 милиони евра.

Во фокусот на посетата беше новата целосно автоматизирана линија за прашкасто фарбање на метални компоненти, инвестиција вредна околу 1,5 милиони евра, која се наоѓа во завршна фаза на тестирање пред започнувањето на редовното производство.

Со оваа инвестиција компанијата го заокружува производствениот процес на обработка на метални компоненти во сопствениот капацитет во Тетово, што овозможува поголема производствена ефикасност и дополнително проширување на дејноста. На новата линија веќе се ангажирани пет вработени, а со планираното воведување уште две смени се отвораат можности за дополнителни вработувања.

„Особено ме радува што денес гледаме компанија која не само што успешно работи во нашата држава, туку продолжува да инвестира, да го проширува своето производство и да создава нови можности за вработување. Зад секоја инвестиција стојат луѓе, нивното знаење, труд и посветеност. Токму вработените се најголемата вредност на компаниите и двигател на економскиот развој. Нашата цел е да создаваме услови за стабилни и квалитетни работни места, за професионален развој на работниците и за континуиран раст на нивните приходи“, истакна министерот Дурмиши.

Тој нагласи дека проширувањето на производствените капацитети и воведувањето нови технологии се особено значајни за конкурентноста на македонската економија.

„За нас е важно што компаниите што веќе инвестирале во Македонија одлучуваат тука да ги развиваат и следните фази од своето производство. Тоа значи нови технологии, дополнителна вредност во домашната економија и нови можности за нашите работници. Секое ново работно место е важно, а секое проширување на производството е можност за поголем економски развој. Како Министерство за економија и труд, остануваме посветени на подобрување на деловната клима и создавање услови за нови и одржливи инвестиции“, посочи Дурмиши.

„Киел Македонија“ произведува компоненти и системи за седење за автобускиот и железничкиот сектор, а нејзините производи се дел од меѓународните производствени синџири на компании како „Сименс“, „Алстом“, „Штадлер“ и „ВДЛ Ван Хол“.

Со проширувањето на производството на метални компоненти, започнато во 2025 година, и воведувањето на новата автоматизирана линија, компанијата дополнително го зајакнува својот производствен капацитет во земјава.

Министерот Дурмиши истакна дека Министерството за економија и труд ќе продолжи да поддржува политики насочени кон поттикнување нови инвестиции, зголемување на продуктивноста, развој на вештините на работната сила и создавање нови можности за вработување.

Мени за пристапност