Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Дурмиши во Женева: Дијалогот е најсилната алатка за одржливи решенија на пазарот на трудот

Дурмиши во Женева: Дијалогот е најсилната алатка за одржливи решенија на пазарот на трудот

Женева, 4 јуни 2026 година

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши денеска се обрати на 114. сесија на Меѓународната конференција на трудот, каде ја истакна посветеноста на Владата кон реформите на пазарот на трудот, модернизацијата на трудовото законодавство и зајакнувањето на социјалниот дијалог.

„Денес светот на трудот се соочува со длабоки и брзи промени. Демографските трендови, технолошкиот развој, вештачката интелигенција, климатските предизвици и геополитичките случувања создаваат нови можности, но и нови ризици за работниците, работодавачите и националните економии“, истакна министерот.

Тој нагласи дека Владата останува цврсто посветена на создавање економија која обезбедува подобар животен стандард за граѓаните.

„Нашата задача како носители на политики е да обезбедиме никој да не биде изоставен. Затоа Владата останува посветена на создавање економија која генерира квалитетни работни места, обезбедува достоинствени услови за работа и гарантира подобар животен стандард за сите граѓани“, рече министерот.

Во обраќањето беше потенцирано дека активните мерки за вработување остануваат меѓу клучните политики на Владата.

Осврнувајќи се на реформите во трудовото законодавство, министерот посочи дека целта е воспоставување современа и европска правна рамка која ќе обезбеди баланс меѓу интересите на работниците и работодавачите.

„Работиме на сеопфатна реформа на трудовото законодавство. Нашата цел е да создадеме модерен и европски правен систем кој ќе ги заштити работничките права, ќе го унапреди колективното договарање и ќе обезбеди безбедни и здрави услови за работа“, нагласи министерот.

Тој ја потврди и посветеноста на државата кон меѓународните трудови стандарди.

„Горди сме што Северна Македонија е меѓу ретките држави кои ги имаат ратификувано сите конвенции на Меѓународната организација на трудот поврзани со слободата на здружување и колективното договарање. Овие принципи не ги гледаме само како меѓународна обврска, туку како темел на демократско и праведно општество“, рече тој.

Министерот посебно ја нагласи улогата на социјалниот дијалог во креирањето на економските и социјалните политики.

„Убедени сме дека ниту една успешна реформа не може да се спроведе без силен и искрен социјален дијалог. Како претседател на Економско-социјалниот совет, цврсто верувам дека дијалогот е најефикасниот пат до одржливи и избалансирани решенија“, истакна министерот. 

Во своето обраќање тој најави и скорешно потпишување на новата Програма за достоинствена работа за периодот 2026–2030 година.

„Уверени сме дека новата Програма за достоинствена работа ќе биде значајна алатка за поддршка на реформите, создавање повеќе и подобри работни места и понатамошно усогласување со европските стандарди“, порача министерот.

На крајот од своето обраќање, министерот изрази благодарност до Меѓународната организација на трудот за долгогодишната поддршка и партнерство, нагласувајќи дека Северна Македонија ќе продолжи активно да придонесува во изградбата на поправеден, поинклузивен и подостоинствен свет на трудот.

Мени за пристапност