Владината делегација предводена од министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, придружуван од надворешниот советник на претседателот на Владата, Владимир Пешевски, учествуваше на првиот Инвестициски форум на ЕУ и Западен Балкан, што се одржува во Тирана, Албанија.
Настанот беше отворен од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и премиерот на Албанија Еди Рама, како стратешки чекор кон економската интеграција на регионот со Европската Унија. Форумот претставува можност за поттикнување на странски директни инвестиции, иновации и забрзување на економската конвергенција меѓу европските и балканските економии.
Во рамки на форумот, Фон дер Лајен најави дека програмата „Фабрички антени за вештачка интелигенција“ (AIFA) се проширува и во земјите од Западниот Балкан, при што една од првите антени ќе биде отворена во Северна Македонија.
„Ќе започнеме со две антени во Северна Македонија и Србија, со што воведуваме брз дигитален ‘рбет низ целиот регион и им овозможуваме на компаниите од сите шест партнери да се поврзат со европските фабрики за вештачка интелигенција,“ изјави Фон дер Лајен.
Министерот Дурмиши ја поздрави иницијативата, истакнувајќи дека отворањето на антената за вештачка интелигенција претставува силен поттик за дигиталната економија на Северна Македонија.
„Оваа соработка е доказ дека земјата е препознаена како сигурен и иновативен партнер во европската дигитална мрежа. Тоа е можност за нашите компании, стартапи и истражувачи да станат дел од европските текови на технологија и знаење,“ рече Дурмиши.
Тој додаде дека Владата работи на создавање конкурентна и одржлива економија, со фокус на енергетска транзиција, развој на човечки капитал и интеграција на локалните компании во европските синџири на вредности.
„Северна Македонија ја гледаме како мост меѓу регионот и Европската Унија – економија која создава доверба, предвидливост и нови можности за граѓаните и инвеститорите,“ потенцираше министерот.
Во текот на форумот, министерот Дурмиши оствари повеќе билатерални средби со претставници од соседните земји, Европа и потенцијални инвеститори, презентирајќи го моделот на инвестирање што ја позиционира Северна Македонија како атрактивна дестинација за странските компании.
Првиот Инвестициски форум ЕУ – Западен Балкан претставува стратешка платформа за зајакнување на економската соработка и забрзување на интеграцијата на регионот во европскиот пазар, од што корист ќе имаат и земјите од Западен Балкан и Европската Унија.