На 30.10.2026 година, во Брисел, се одржа Дваесет и вториот состанок на Поткомитетот за трговија, индустрија, царина и оданочување меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
Состанокот го копретседаваа г-дин Јумни Адеми, државен секретар во Министерството за економија и труд, во име на Република Северна Македонија, и г-дин Фредерик Свинен, претставник на Генералниот директорат за проширување и источно соседство на Европската комисија.
Државниот секретар г. Јумни Адеми ја истакна посветеноста на Владата кон спроведување на реформите и усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ, како и активната имплементација на Реформската агенда во рамките на Планот за раст 2024–2027. Посебно ја нагласи важноста на континуираниот дијалог со Европската комисија преку Поткомитетот.
Во рамки на состанокот беше разгледан напредокот на земјата во областите на даночната политика, царинското работење, индустриската политика, претпријатијата, туризмот и трговијата, како и усогласувањето на националното законодавство со правото на Европската Унија.
Во областа на оданочувањето, Европската комисија го поздрави усвојувањето на Законот за спроведување на Директивата за Вториот столб и ја нагласи потребата од развој на даночните ИТ-системи и автоматска размена на финансиски информации согласно стандардите на ОЕЦД. Во царинската област беше констатиран напредок во примената на системот SEED+, ревидираните ПЕМ-правила и олеснувањето на царинските постапки, со препорака за брзо усвојување на новиот Царински законик.
Во областа на индустријата и туризмот беше истакната подготовката на Индустриската стратегија за 2027 година , Националната стратегија за туризам 2027–2032 и поедноставувањето на деловното работење, со акцент на дигиталната и зелената трансформација и регионалната соработка. ЕУ останува најголем трговски партнер на земјата, со учество од 76% во извозот и 50,1% во увозот. Беше поздравено усогласувањето со санкциите на ЕУ кон Русија и учеството во ЦЕФТА.
Во однос на слободното движење на стоки, Комисијата ја нагласи потребата од усогласување со европското законодавство, зајакнување на административните капацитети и склучување Договор за оцена на сообразност.
Двете страни ја потврдија важноста на продолжувањето на реформските активности, јакнењето на институционалните капацитети и интензивирањето на соработката во насока на понатамошно усогласување со европското законодавство и исполнување на обврските од процесот на европска интеграција.