Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Државниот секретар Јумни Адеми ги додели наградите „Предводници на одржливиот развој“ на Бизнис форумот за одржливост

Државниот секретар Јумни Адеми ги додели наградите „Предводници на одржливиот развој“ на Бизнис форумот за одржливост

Државниот секретар во Министерството за економија и труд, Јумни Адеми, на Бизнис форумот за одржливост во Клубот на пратеници кој се одржа на 8 јуни, ги додели наградите „Предводници на одржливиот развој“, кои Клубот на одговорни бизниси на Конект ги организира во партнерство со Министерството за економија и труд. 

Со наградите се одликуваат компании и поединци кои преку своето работење придонесуваат за градење одржливо, инклузивно и одговорно општество. 

„Одржливите практики, инвестициите во вработените, грижата за животната средина и одговорното корпоративно управување повеќе не се избор, туку неопходност за долгорочен успех и конкурентност на домашниот и меѓународниот пазар. Преку Националната стратегија за МСП 2025–2030 и реформите во рамки на Планот за раст на Европската Унија, создаваме услови за зелена и дигитална трансформација, поголема продуктивност и нови можности за развој на бизнисите“, изјави државниот секретар во Министерството за економија и труд, Јумни Адеми. 

Наградите им беа врачени на компаниите: 

* „Халкбанк АД Скопје“ – Награда за климатска акција и зачувување на природата;

* „Македонски Телеком“/„Фондација Телеком за Македонија“ – Награда „Партнерства за одржлив развој“;

* „ЕВН Македонија“ – Награда „Бизнис и човекови права“;

* „Комерцијална банка АД Скопје“ – Награда „Добри соседи“;

* „НЛБ Банка АД Скопје“ – Награда за благосостојба на вработените;

* „Макпрогрес ДОО“ – Награда за придонес кон квалитетното образование и искоренување на сиромаштијата;

* „Фармахем“ – Награда за родово одговорни семејни политики за мали и средни претпријатија;

* „Алкалоид АД Скопје“ – Награда за родово одговорни семејни политики за големи претпријатија. 

Компанијата „Пакомак“ доби признание за мала компанија што покажува лидерство во промовирањето на одржливиот развој, додека признание за посветеност на родово одговорни семејни политики доби „Реплек АД Скопје“. Признание за посветеност на родово одговорни семејни политики во текстилната индустрија беше доделено на „Комфи Ангел“. 

Повелбата „Горан Лазаревски“ за заслуги во одржливиот развој ја доби Марјонка Велјановска, извршна директорка на „Фармахем“, додека наградата „Лидерство за одржлив развој“ му беше доделена на Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. 

Форумот обедини повеќе од 100 претставници од бизнис секторот, институциите и граѓанските организации, кои разменија мислења и искуства за актуелните трендови во одржливоста, ESG принципите и улогата на компаниите во справувањето со современите развојни предизвици. Настанот вклучи инспиративни обраќања и панел-дискусија посветена на придонесот на компаниите кон општествениот развој.

„Одржливиот развој не е изолирана активност, туку интегриран пристап што ги поврзува економските, социјалните и еколошките аспекти на работењето. Компаниите имаат клучна улога како работодавачи и двигатели на економијата, а преку своите одговорни практики директно придонесуваат за подобро општество. Добитниците на наградите се пример дека вложувањето во луѓето, заедницата и ресурсите создава општествена вредност и долгорочна конкурентност“, изјави извршната директорка на Конект, Никица Кусиникова. 

Конект традиционално ги доделува наградите за одржлив развој во партнерство со Министерството за економија и труд и со поддршка на Програмата „Проширување на изборот“, која ја спроведуваат Фондот за население на Обединетите нации и Конект, финансиски поддржана од Австриската агенција за развој (АДА). Со оваа поддршка годинава за првпат беше воведена и награда за родово одговорни семејни политики. 

Наградените претставуваат инспиративни примери на компании и поединци кои секојдневно покажуваат дека бизнисот може да биде двигател на одржливиот развој и позитивните општествени промени. 

Мени за пристапност