По повод Меѓународниот ден на женското претприемништво, Државниот секретар при Министерството за економија и труд Јумни Адеми учествуваше на манифестацијата „Избор на жена претприемач на годината“, на која беа доделени награди за најуспешните микро, мали и средни компании во сопственост и управувани од жени.
Министерството за економија и труд е институционален покровител на настанот, кој се реализира во соработка со Националната платформа за женско претприемништво, согласно потпишаниот Меморандум за соработка. Манифестацијата се одржува како дел од Глобалната недела на претприемништво.
Во своето обраќање, Државниот секретар ги истакна активностите и мерките што Министерството ги спроведува со цел економско зајакнување на жените и нивна поголема вклученост во креирањето на економските политики. Преку овие мерки, се постигна значителен напредок – бројот на компании во сопственост на жени што оствариле позитивни резултати порасна од 73 во 2022 година на 83 во 2024 година, што претставува зголемување од 13,7%.
Дополнително, тој потсети дека во новата Стратегија за МСП 2025–2030, усвоена во август 2025 година, во рамки на Стратешка цел 1 – Конкурентен национален претприемачки екосистем, посебно место имаат мерките за промоција и унапредување на женското претприемништво, како и изготвувањето на Патоказ за женско претприемништво.
Министерството за економија и труд ќе продолжи и во иднина да работи на создавање уште подобри услови за развој на компании основани и управувани од жени, со цел нивно активно учество во економскиот раст и развој.
Изборот за жена претприемач на годината се спроведува преку селекција на најуспешните претпријатија управувани од жени, врз основа на официјални податоци од завршните сметки за последните три години, кои Министерството ги обезбедува од Централниот регистар.
Наградите за 2025 година беа доделени во три категории:
-Микро претпријатие: Моби Сити Премиум
-Мало претпријатие: ПИЕМ Десигн
-Средно претпријатие: Соко Горица
Министерството им честита на добитничките и ја продолжува својата посветеност кон развојот и поддршката на женското претприемништво.