Во Берлин беше потпишана „Заедничка декларација“ за намера на економска соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија и Сојузното министерство за економија и енергетика на Сојузна Република Германија
Со ова се отвора ново поглавје во продлабочувањето на економските односи, трговската размена и инвестициската соработка помеѓу двете земји.
На настанот присуствуваше државниот секретар во Министерството за економија и труд, Јумни Адеми, кој истакна дека декларацијата претставува јасна потврда за заедничката заложба за посилно партнерство во услови на комплексна глобална економија.
„Во време на брзи технолошки промени, нарушени синџири на снабдување и засилена потреба од зелена транзиција, ваквата соработка е клучна за обезбедување стабилен и одржлив економски развој“, нагласи Адеми.
Тој посочи дека економската трансформација е во сржта на развојната политика на државата, со јасна насока кон развој на индустрии со повисока додадена вредност, модерно производство и напредни услуги.
„Нашата цел е да изградиме конкурентна и извозно ориентирана индустриска база, која ќе биде способна да се позиционира на регионалните и глобалните пазари, создавајќи производи со повисока додадена вредност и одржливи решенија“, истакна државниот секретар.
Во своето обраќање, Адеми нагласи дека Владата активно ги поддржува компаниите преку конкретни политики и мерки, овозможувајќи им модернизација на производствените процеси, воведување нови технологии и јакнење на човечките капацитети.
Дополнително, тој се осврна и на значењето на законските решенија кои обезбедуваат стабилна и предвидлива поддршка за инвеститорите, вклучително и поттик за нови вработувања, поддршка за истражување и развој, како и поддршка за стратешки инвестиции.
Во делот на иновациите и дигиталната трансформација, Адеми потенцираше дека Владата активно работи на создавање динамичен екосистем кој ќе го поттикне развојот на нови технологии, стартапи и претприемништво.
„Долгорочната конкурентност не може да се постигне без силен фокус на иновации и дигитализација. Затоа инвестираме во технолошки развој, истражување и создавање услови за раст на стартап екосистемот“, посочи Адеми.
Тој ја истакна и Програмата за поттикнување на иновации, научно-технолошки развој и претприемништво 2026–2029, со буџет од 12 милиони евра, како важен инструмент за поддршка на иновативни проекти, како и иницијативата „Greening Business Facility“ во вредност од 25 милиони евра, која ќе придонесе за зелена трансформација на компаниите.
Особен акцент беше ставен на развојот на човечкиот капитал и младите.
„Создавањето квалитетни и добро платени работни места за младите е наш приоритет. Преку активни мерки за вработување, обуки и поддршка за претприемништво, работиме на градење модерна и конкурентна работна сила“, истакна Адеми, осврнувајќи се на Оперативниот план за вработување за 2026 година, со буџет од 40 милиони евра.
На крајот, државниот секретар потенцираше дека ваквите партнерства се од суштинско значење за постигнување одржлив раст.
„Ниту една економија не може да напредува изолирано. Преку зајакната билатерална соработка, размена на знаење и заеднички иницијативи, можеме да создадеме нови можности за нашите компании и граѓани“, заклучи Адеми.
Министерството за економија и труд ќе продолжи активно да работи на унапредување на економската соработка со Сојузна Република Германија, како еден од клучните економски партнери на Република Северна Македонија, со цел обезбедување одржлив економски раст и подобар животен стандард за граѓаните.