Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески денеска оствари работна средба со новоизбраниот министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ.
На работната средба беа разменети мислења и идеи за повеќе значајни теми поврзани со состојбите на општините, локалниот економски развој, поддршката за домашните компании и значењето на инфраструктурните инвестиции на општиот економски развој на Република Македонија.
Заменик-министерот Ристески пред министерот ја претстави последната мерка објавена од Агенцијата за вработување која е дел со Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2026 година, а тоа е мерката „Економија на грижа - Општинско-корисна работа“ која е наменета за општините.
Со истата се овозможува општините работно да ангажираат невработени лица од евиденцијата на АВРМ со стекнат сертификат за давател на услугата во период од 9 (девет) месеци за ангажман од 40 часови неделно. Лицата би биле ангажирани во областите на социјални или здравствени услуги во согласност со потребите на локално ниво, како и за приоритетни целни групи на крајни корисници. За нивниот ангажман лицата ќе добиваат недомест од 24.000 денари месечно со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест.
На средбата соговорниците се согласија дека приоритетна цел за Владата на Република Македонија е да имаме економски стабилни, силни и дигитализирани општини кои нудат квалитетни услуги за граѓаните и компаниите во Република Македонија.