Бектеши: Утре ќе биде изгласан Законот за финансиска поддршка за исплата на плати, работодавачите ќе можат да аплицираат до 30 април за два месеци наеднаш

14.04.2021 22:32:07

Скопје, 14.04.2021 година   Пакетот закони кои произлегуваат од Петтиот сет мерки за поддршка на економијата во текот на утрешниот ден ќе бидат ставени на дневен ред на Седница во Собранието, со што конечно ќе се очекува да бидат изгласани, пред се Законот за финансиска поддршка на исплата на плати. Со оглед на тоа што овие закони беа подолго време блокирани од опозицијата со амандмани, рокот за аплицирање е продолжен, кажа министерот за економија Крешник Бектеши во гостувањето на емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24.

„Пролонгиран е рокот до 30 април за аплицирање за мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за месеците февруари и март, а новина е што работодавачите ќе може да аплицираат и за двата месеци наеднаш. Штом ќе бидат изгласани Законите од пратениците и објавени во Службен весник, веднаш ќе стапат на сила со што ќе почне реализација на мерките“ кажа министерот Бектеши.

Министерот ги повика сите работници да не потпишуваат бланко откази бидејќи и по блокадата на мерките во Собранието, конечно ќе си ги добијат платите.

Бектеши потенцираше дека во Петиот сет не е само мерката за финансиска поддршка за исплата на плати, туку има и низа други мерки кои што значат индиректна поддршка на компаниите и фирмите.

„Првите четири сета мерки се во вкупна вредност од 860 милиони евра, веќе реализирани, а треба да се знае дека има различни мерки, односно или државата се откажува од приходи или има директна финансиска поддршка од буџетот или одложување на плаќање на одредни давачки кои треба да ги платат граѓаните и компаниите. Тоа беше и нашата цел и повикот до опозицијата да ги одблокираат законите во Собранието,  бидејќи имаме Закони кои уште не се донесени, а требаше да се реализираат минатата година“ кажа Бектеши.

На шпекулациите во јавноста дека над 60 илјади лица ја изгубиле работата за време на пандемијата, министерот Бектеши кажа дека се работи за 18.300 лица според податоците на Агенцијата за вработување, вклучувајќи ги и тие што спогодбено ги изгубиле работните места.

“Во првите месеци годинава јануари, февруари и март споредено со минатата година имаме зголемување на приходите во буџетот, тоа значи зголемување на економската активност. Ако има зголемување на данок на доход тоа значи дека или имаме зголемување на плати или имаме нови вработување. Имаме зголемување на данок на доход за 1%, ако има отпуштања тогаш како може да има зголемување на данокот на доход“ кажа министерот Бектеши.

Министерот информираше дека во моментов се подготвува нов дополнителен пакет мерки за поддршка на дејностите кои што се се затворени со одлука на Владата по препорака на Комисијата за заразни болести како што е угостителскиот сектор.

„При крај е пакетот, најверојатно следната недела ќе го објавиме и ќе почнеме со реализација.Ќе се земе во предвид просекот на приходи кој компаниите од овој сектор ги пријавиле во првиот квартал годинава, одреден процент директно како грант ќе ги превземе Владата и ќе се земат во предвид деновите кои биле затворени односно не работеле“ кажа министерот и додаде дека се работи за дополнителна мерка за угостителството, која што не беше предвидена во Петтиот сет мерки на Владата