Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Дурмиши во Истанбул: Северна Македонија е сигурен партнер и атрактивна инвестициска дестинација за турските компании

Дурмиши во Истанбул: Северна Македонија е сигурен партнер и атрактивна инвестициска дестинација за турските компании

Скопје, 12 јуни 2026 година

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на Бизнис форумот Северна Македонија – Турција, каде ја истакна посветеноста на Владата за создавање предвидлива, конкурентна и инвестициски ориентирана деловна средина, насочена кон поттикнување на нови инвестиции, економски раст и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји.

Во своето обраќање, министерот Дурмиши нагласи дека Република Турција е еден од најзначајните економски партнери на Северна Македонија, при што трговската размена континуирано расте, а турските компании со децении имаат значајна улога како инвеститори, работодавачи и партнери во развојот на македонската економија.

„Северна Македонија е отворена за нови инвестиции и нови партнерства. Нудиме стабилна макроекономска политика, стратешка географска положба, пристап до регионалните пазари, квалификувана работна сила и силна институционална поддршка за инвеститорите. Уште поважно, нудиме партнерство засновано на доверба и долгорочна соработка“, истакна министерот Дурмиши.

Тој посочи дека Министерството за економија и труд активно работи на поддршка на домашните и странските инвеститори преку повеќе стратешки политики и инструменти, со посебен фокус на развојот на микро, малите и средните претпријатија, кои претставуваат столб на македонската економија.

Преку програмите за поддршка на претпријатијата се обезбедува финансиска и техничка помош за модернизација на производството, воведување нови технологии, дигитализација, зголемување на конкурентноста и интернационализација на компаниите. Посебно внимание се посветува и на иновативните компании, стартапите и семејните бизниси како двигатели на нови работни места и економски раст.

Министерот нагласи дека преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, Владата обезбедува поддршка за компании кои инвестираат во нови производствени капацитети, отвораат нови работни места, воведуваат современи технологии, го зголемуваат извозот и инвестираат во човечки капитал.

Воедно, Дурмиши информираше дека Владата работи на нова генерација индустриски политики насочени кон зелената транзиција на економијата, при што Законот за зелени индустриски зони ќе создаде современа рамка за привлекување инвестиции со висока додадена вредност, чисти технологии, енергетска ефикасност и одржливо производство.

Како значаен потенцијал за нови инвестиции беше истакната Индустриската зона Тетово, која е во надлежност на Министерството за економија и труд и нуди одлични услови за компании од производствениот, логистичкиот и технолошкиот сектор, благодарение на својата стратешка позиција, близината до регионалните пазари и транспортни коридори, како и достапноста на квалификувана работна сила.

„Нашата визија е индустриските зони да прераснат во центри на современо производство, иновации и регионална економска соработка. Убеден сум дека денешниот форум ќе отвори нови можности за поврзување на компаниите, реализација на заеднички проекти и натамошно продлабочување на економските односи меѓу Северна Македонија и Турција“, порача министерот Дурмиши.

На форумот присуствуваа високи владини претставници од Северна Македонија и Турција, претставници на стопанските комори, деловната заедница, инвеститори и претприемачи од двете земји.

Мени за пристапност